Известувачот за Македонија во Европскиот парламент, европратеникот Ричард Ховит, во најновиот извештај предлага „итен старт“ на преговорите со Европската унија.
Веста ја потврди и Еурополитикс, која пишува дека „се очекува членовите на Европскиот парламент да побараат од Советот да одреди датум „без натамошно одложување“ за почеток на преговорите за членство на Македонија во ЕУ.
Информацијата на Еурополитикс ја пренесе и Ховит на неговиот профил на „Твитер“.
Специјалниот извештај за Македонија ќе го објави комесарот за проширување Штефан Филе на 16 април во Стразбур.
Иако Комисијата не објавува детали од содржината на извештајот што го подготвува по заклучоците на самитот на Европскиот совет во декември минатата година, се очекува да биде позитивен.
– Не сакам да навлегувам во детали кога станува збор за извештајот. Сега сме во т.н. работен процес и само ќе кажам дека Европската комисија ќе го усвои и објави извештајот на 16 април и тогаш ќе се знае што тој ќе содржи. Претходно не би сакал да кажам ништо повеќе, изјави Петер Стано, портпаролот на Филе.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.