| четврток, 6 декември 2018 |

Изложба на Владимир Лукаш во Музеј на Град Скопје

На 2 октомври (петок) во 20 часот во Отвореното графичко студио при Музеј на град Скопје ќе се отвори самостојна изложба на Владимир Лукаш насловена “Изложба на грди цртежи или за волкот кој црташе подобро на 5 години: Панкерска изложба во два дела”

Делата на Владимир Лукаш ни се одамна познати композиции од цртеж и проза, боја, апстракција и фигурација и историски информации во контекст на современата општествена критика.
Овој пат се кршат правилата, но само затоа што не знаеме што се правила и дали ако постојат воопшто се однесуваат на нас.
Првото правило пред кое се соочуваме е тоа дека цртежите се грди. Некои од нив се многу грди. Тие го отфрлаат “добриот вкус”, како и интелектуализмот на концептуалната уметност; повеќе се рефлексија на агресивната природа на современото општество. Инспирирани од урбаната сцена, често во себе инкоорпорираат предмети најдени во близина на уметниковиот видокруг на делување; гротескно-реалистични представи на нештата.
Делата бидејки се грди, нема да бидат изложени, ќе бидат ставени во аголот на галеријата, покрај авторот кој ќе произведува нови грди цртежи или ќе свири со својот бенд, доколку така сака.
1. Посетителите ја создаваат изложбата
Секој посетител има обврска да избере едно или повеќе дела, ако сака да напише наслов и задолжително да го закачи делото на ѕид. Со тоа судбински се поврзува со делото, тоа сега станува негово.
Делата не се обсмислени за дадените спецификации на тој простор, внесен е концепт на лоцирање, не само на уметничкиот производ, туку и на уметничкиот став и одлука на посетителот. Со алтерирање на физичкоста ќе се осмисли просторот, од ружните цртежи ќе се добие фантастично добра или ружна изложба, сеедно. Публиката мора да биде забавувана и возбудена, нешто што најчесто го нема во типичните салонски изложби со изгланцани подови и врамени дела забранети за допирање.
2. За посетителите кои не сакаат да се вклучат во креирањето на изложбата и не можат на дадат лична критика, ќе се постави мала салонска изложба, во салон со димензии 1 х 1 м, со врамени, недопирливи дела.
Со поставување на нови правила, Лукаш ја доведува потполно во прашање неприкосновеноста на авторот како авторитет. Му го одзема значењето на делото: колку дела, толку толкувања… преку оваа постапка ја живее смртта на авторот и трансформација на делото.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top