Општина Битола во соработка со ЈП „Македонија пат“ – подружница во Битола, почна со реконструкција, проширување и асфалтирање на патот што води до детското одморалиште „Пелистер“ и хотелот „Молика“ на планината Баба.
Интервенцијата врз патната инфраструктура и едно поголемо свлечиште се врши со финансиска поддршка од Јавното претпријатие за државни патишта, од каде се обезбедени 6 милиони денари, информираат од општина Битола.
– Во првата фаза од овој инфраструктурен проект на Пелистер се опфатени 6 километри од патот, кој ќе биде реконструиран, асфалтиран и целосно подготвен за претстојната зимска сезона. По завршувањето со ревитализација на најчувствителниот дел од патот што води до детското одморалиште „Пелистер“ и хотелот „Молика“, ќе се изврши санација и на неколку други делови од патот Битола – излетнички и туристички места во Националниот парк „Пелистер“ – посочуваат од локалната самоуправа.
Од ЈП „Македонија пат“ – подружница Битола со регионална надлежност информираат дека наскоро ќе почне реконструкција и на патиштата од западната страна на планината Баба, односно во преспанските села Љубојно и Брајчино.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.