| четврток, 6 декември 2018 |

Министерството за здравство ќе набави нови четири мамографи

Нови мамографи ќе добијат хируршката клиника „Св. Наум Охридски“ и болниците во Кавадарци, Штип, Куманово, Прилеп и Кочани, а вкупната инвестиција изнесува околу 40 милиони денари

Министерството за здравство ќе набави нови четири дигитални мамографи за потребите на вкупно шест јавни здравствени установи, кои во текот на овие и наредните денови ќе бидат инсталирани и пуштени во употреба. Ова го истакна министерот за здравство Никола Тодоров кој попладнево се обрати на 8. национална конференција за рак на дојка во организација на Здружението „Борка“.

Нови мамографи ќе добијат хируршката клиника „Св. Наум Охридски“ и болниците во Кавадарци, Штип, Куманово, Прилеп и Кочани, а вкупната инвестиција изнесува околу 40 милиони денари.

– Дополнително донесовме одлука да отпочнеме постапка за набавка на нови мамографи за Гевгелија, Радовиш, Велес и Македонска Каменица. Со набавката на овие апарати ќе се овозможи мамографскиот скрининг да се изведува на повеќе локации во државата, односно оваа здравствена услуга да биде што е можно подостапна за женската популација, а со тоа да се овозможи и  брзо и навремено делување кај пациентките кај кои ќе се забележат одредени промени – истакна Тодоров.

Министерот истакна дека од 7 април годинава отпочна со бесплатен мамографски скрининг за жените над 50-годишна возраст, а до крајот на 2016 година планот е со мамографскиот скрининг да бидат опфатени сите жени на возраст од 50 – 69 години (околу 250.000 жени).

todorov1

Планот е до крајот на 2016 година со мамографскиот скрининг да бидат опфатени сите жени на возраст од 50 – 69 години

 

-Значајно е што со скринингот се опфатени жени кои се асимптоматски, односно навидум здрави жени и кои, согласно податоците од системот МојТермин, не направиле мамографска контрола во последните две години. Сакам да истакнам дека невладината организација Борка од самиот почеток ја поддржа оваа мерка на Министерството за здравство и дополнително ги поттикна жените од оваа возрасна група да се јават на бесплатниот мамографски скрининг, посочи министерот.

Кај откриените случаи со мамографски скрининг било веднаш соодветно интервенирано.

Дополнително, во фаза на изработка е и информативна веб страница skrining.mk преку која ќе се врши информирање за сите активности кои се дел од скринингот.

– Планираме воведување и на информативна телефонска линија, каде што сите заинтересирани жени ќе може да постават прашања во врска со скринингот, а на прашањата ќе одговараат доктори кои директно учествуваат во мамографските прегледи – објасни министерот за здравство.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top