| четврток, 6 декември 2018 |

ВМРО-ДПМНЕ го поздрави зголемувањето на пензиите и на социјалната помош

вмро

На денешната 67. пленарна седница во Собранието на Република Македонија на дневен ред се најдоа измените и дополнувањата на Законот за пензиско и за инвалидско осигурување и Законот за социјална заштита по скратена постапка, со кои се предвидува зголемување на средствата за пензии и зголемување на висината на социјалната и постојаната парична помош за 5 отсто и во 2016 година.

Пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ ги поздравува и ќе ги поддржи измените на Законот за пензиско и за инвалидско осигурување, како и измените на Законот за социјална заштита со кои што треба и во 2016 година да продолжи зголемувањето на пензиите и социјалната и постојаната парична помош за 5 отсто.

Имено, преку измените на Законот за пензиско и инвалидско осигурување ќе се подобри социјалната положба и ќе се заштити стандардот на пенионерите. Досега како пратеници од Пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ во неколку наврати дадовме поддршка за зголемувањето на пензиите, со што најниската пензија од 2006-та година до сега е зголемена за 70 проценти, додека пак просечната пензија во Република Македонија од 2006-та година до денес е зголемена за рекордни 84 отсто.

Како претставници на граѓаните во Собранието на Република Македонија, горди сме што можеме да придонесеме за остварување на потребите и интересите на пензионерите, како и за подобрување и олеснување на пензионерскиот живот.

Покрај предвиденото зголемување на пензиите, Пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ ќе ја даде својата поддршка и за измените на Законот за социјална заштита, кои што исто така предвидуваат зголемување на социјалната и постојаната парична помош за 5 отсто, со кои што ќе им се помогне на околу 35 000 корисници на социјална парична помош и на околу 5 800 корисници на постојана парична помош.

Со овие измени на Законот за социјална заштита, социјалната парична помош во 2016-та година дополнително ќе се зголеми за 5 отсто, со што со зголемувањата од 2006-та година таа ќе биде зголемена за вупно 61,8 отсто, додека пак постојаната парична помош од 2006-та година ќе биде зголемена за 60,5 отсто.

Со овие зголемувања на пензиите и социјалната и постојана парична помош ќе бидат опфатени 335 000 граѓани кои што ќе добијат повисоки месечни примања и значително ќе се подобри нивниот животен стандарт.

Како пратеници од Пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ, со овие зголемувања на пензиите и социјалната и постојана парична помош уште една покажуваме дека тоа што го ветуваме во нашата предизборна програма, тоа и го исполнуваме.

Токму затоа граѓаните ни веруваат и ни ја даваат нивната поддршка да ги застапуваме и да работиме за исполнување на нивните интереси во Собранието на Република Македонија.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top