По победата во првото коло од Лигата на шампионите против Монпелје на гостински терен, екипата на Вардар охрабрена влегува во вториот дуел, прв на домашен терен во СЦ „Јане Сандански“ против екипата на Пик Сегед. Унгарците направија мало изненадување откако во првото коло го победија минатогодишниот учесник на завршниот турнир, Кјелце.
Сите од таборот на „црвено-црните“ посакуваат нова победа и продолжување на низата, но предупредуваат дека токму Пик Сегед е еден од главните конкуренти за висок пласман оваа сезона во Лигата на шампионите.
Тренерот Раул Гонзалез предупреди дека задачата на неговите избраници нема да биде нималку лесна, потсетувајќи на квалитетот на ривалот.
– Како и што напоменав оваа сезона ќе одиме од натпревар во натпревар. Двата бода против Монпелје е одличен резултат, но мора да го оставиме зад себе и да се насочиме кон Пик Сегед кој е одлична екипа. Унгарците играат добра одбрана 6-0 и 5-1, но очекувам наша добра игра. За разлика од Монпелје, овојпат очекувам 60 минути добра игра за да ја продолжиме победничката серија. Пред своите симпатизери играме далеку подбар ракомет, помотивирани сме и сакаме во ист стил да ја продолжиме сезоната. Главниот квалитет на Унгарците им е колективот и одличниот тренер, кој ми е добар пријател и кој бескрајно го почитувам. Имаме проблем со повредите на Карачиќ (рамо) и на Циндриќ (дисторзија на скочен зглоб), ќе почекаме да видиме дали можат да играат в недела – истакна Гонзалез на денешната прес-конференција.
Најдобриот поединец во тимот на Вардар на првиот натпревар против Монпелје, голманот Арпад Штербик, предупреди дека Пик Сегед е екипа која може да ги изненади сите.
– Очекувам тежок натпревар бидејќи Сегед е сериозен противник, можеби не звучи како ПСЖ, Барселона и Кил, но ако ги погледнеме нивните игри во последните две години, мислам дека се меѓу најдобрите во Европа. Да не заборавиме дека лани го елиминираа Некар Левен, а потоа на домашен терен го совладаа Кил. Јас повеќе се плашам од овој меч отколку против Барселона, бидејќи некои луѓе и навивачи очекуваат лесна победа. Би сакал да влеземе во мечот максимално сконцентрирани, бидејќи ако тоа не биде случај, многу тешко ќе стигнеме до победата – изјави Штербик.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.


