| четврток, 6 декември 2018 |

Во потрага за подобар живот бегалците ја заобиколуваат Франција

французи

Сонуваат за подобар живот во Германија, Шведска или во Холандија, но Франција е отсутна од листата за желби на бегалците.

Се поставува прашањето зошто второто стопанство на ЕУ, држава на која некогаш се гледаше како на ветена земја за барателите на азил, денес не е интересна за бегалците.

– Франција не е добра за мојата иднина, а покрај тоа нема репутација на земја што лесно дава дозвола за престој- истакна 24-годишниот Едвард од Багдад, чекајќи во Стокхолм брод за Финска.

Меѓу бегалците постои убедување дека пристигнување во Франција значи да живеее со месеци без покрив над главата, борба со бирократските пречки и контакти со службеници што не зборуваат англиски.

Бегалците, исто така, се запознати со не толку добрата состојба на француското стопанство и нејзините 3,5 милиони невработени.

– Франција е добра за посета, но не и да се работи во неа – вели 26-годишниот Сириец Абдулрахман, кој стигнал во Шведска.

Кога пред две недели Франсоа Оланд предложи да го олесни товарот на Германија, така што Франција би преземала 1.000 бегалци, тим на француската имиграциска служба, кој е пратен во Минхен успеал да убеди помалку од 600 бегалци среќата да ја побараат во Франција, иако им е ветено лесно добивање на документи, можност да им се придружи семејствотото и дозвола за престој за 10 години.

Од избивањето на граѓанската војна во Сирија, од четири милиони бегалци од оваа земја само 7.000 добиле бегалски статус во Франција.

Париз вети дека во следните две години ќе прифати уште 31.000 бегалци и работи на забрзување на процесот за решавање на барањата за азил и зголемување на сместувачките капацитети.

Сабрин Ал-Расак од организацијата Ревивр, која им помага на сириските бегалци од избивањето на конфликтот, не е изненадена што Франција меѓу бегалците не спаѓа во посакуваните дестинации. Таа истакна дека е „исклучително тешко‟ да се најде сместување, како и дека процесот за добивање на азил е „долготраен и трауматичен‟.

Меѓу другото, постои и пропис дека треба да се има адреса за да може да се поднесе барање за азил.

Франција има на располагање само 30.000 кревети за над 60.000 баратели на азил, што значи дека многу луѓе се принудени да живеат кај пријатели, роднини или на улица.

– Сиријците ги разменуваат своите искуства преку „Фејсбук“ и „Вотсап“ и за нив Франција не е добра земја за прифаќање на бегалците- вели Ал-Расакова.

Освен тоа, тука е и проблемот со јазикот бидејќи многу бегалци знаат само малку англиски, а француската администрација ниту малку не се труди да им излезе в пресрет.

Многу документи се само на француски јазик, напоменува Ал-Расакова, според која, основен проблем е недостиг на координација но и на политичка волја.

Според францускиот стручњак за бегалци Франсоа Жемен, Франција треба да се загрижи.

– Тоа што повеќе не ја сметаат за посакувана земја за живот, значи дека нејзиното економско здравје не е баш добро, но, исто така, дека не е добро ни здравјето на нејзината демократија – истакна Жемен.

Танјуг

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top