| четврток, 6 декември 2018 |

Документарецот за ТАТ на „Манаки“ предизвика внимание и кај странските филмски критичари

Мајкл Патисон, меѓународен филмски критичар кој постојано ги следи светските филмски фестивали и пишува филмски критики за познати светски листови, меѓу кои и Њујорк Тајмс, е посебно заинтересиран за документарниот филм„ТАТ – Транзициска еуфорија или национална измама“. Откако го погледнал филмот на фестивалот „Браќа Манаки“, тој зад камерите на ТВ Орбис посочи дека за аферата ТАТ се информирал преку интернет пред прикажувањето на филмот, но она што го видел како документаристички податоци, го привлекло неговото внимание, така што во најскоро време планира да напише филмска критика и да се осврне повеќе на документаристичкиот дел на филмот. Покрај Патисон и дел од македонските медиуми, за филмот интерес покажале и новинари од соседните земји, кои во својот фокус при пишувањето на критиката за филмот, се осврнале на оваа национална трагедија, како поука за целиот Балкан.

Инаку ,во понеделникот, по трет пат филмот „ТАТ – Транзициска еуфорија или национална измама“ предизвика огромно внимание кај јавноста, која ја проследи проекцијата во голем број и повторно не изостанаа реакции на присутните штедачи, кои му сугерираа нови информации на режисерот Миленковски.

Пред почетокот на документарниот филм „ТАТ – Транзициска еуфорија или национална измама“ пред полната сала на непосреден начин го претстави селекторката на документарната програма Гена Теодосиевска. Таа истакна дека аферата со штедилницата „ТАТ“ којашто се случи во 90-те години, остави голема трага во земјава, особено во Битола.

Полициските извештаи говорат дека по аферата „ТАТ“ се случиле 36 самоубиства, а 200-300 се посредни жртви кои починале од срцеви удари, мозочни удари или други ситуации, како последица на преживеаниот шок од аферата.


 

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top