| четврток, 6 декември 2018 |

Документарецот „Маргина“ на Љупчо Темелковски – фамилијарна сага за ромско семејство прикажан на „Браќа Манаки“

Во документарната програма синоќа во Големата сала се случи меѓународното прикажување на филмот „Маргина“ во режија на Љупчо Темелковски, кој стои и зад камерата за овој филм.

Овој филм предизвика огромен интерес кај публиката и за време на проекцијата и за денешната прес-конференција.

unnamed (1)

Селекторката Гена Теодосиевска го опиша како фамилијарна сага за едно ромско семејство од околината на Битола кое опстојува „на работ“ на европското општество. Таа истакна дека тоа сејемство широко ги отвори вратите на Темелковски и со него дизајнерот на звук, Александар Ковачевски и неговиот асистент на режија и камера, Александар Гроздановски кои помогнаа филмот да добие висок критериум во техничката оформеност за да може да биде дел од меѓународните фестивали.

Темелковски, кој е мултимедијален уметник, објасни дека сакал да претстави една друга слика за Ромите наспроти онаа што се прикажува за нив и за многу други маргинализирани групи во вестите, во филмовите.

-Подготовките траеја околу една година пред да почнеме со снимање, а целиот процес траеше повеќе од две години. Вкупниот буџет за филмот беше 5.000 евра што за докуметарен филм е исто како да нема буџет – рече тој.

Ковачевски истакна дека филмот изобилува со цел спектар на звуци, а токму во тоа бил вистинскиот предизвик да се работи.

За Гроздановски, пак, којшто има работено на повеќе филмови, ова бил еден од најдобрите проекти во неговиот живот.

На прашањето од филмскиот критичар од Босна и Херцеговина, Душко Димитровски, дали претходно имале предрасуди и колку снимањето на овој филм помогнало за надминување на тие предрасуди, Темелковски истакна:

-Израснав во средина каде мнозинството ги пренесува тие предрасуди. Предрасудите ги живееме, но важно е да се набљудуваат и да се работи на истите. Но полека почнав да се ослободувам од нив и најубавиот момент е тоа што во еден момент се идентификував со тоа семејство.

 

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top