| четврток, 6 декември 2018 |

Дванаесетто издание на Моден викенд Скопје

Од 21 до 25 октомври во Музејот на Македонија, во Старата скопска чаршија под мотото „Мода и културно наследство“ ќе се одржи дванаесеттото издание на Моден викенд Скопје.

Модното случување за сезоната есен/зима 2015/2016 година, ќе биде во духот на традицијата и модата како портрет на времето. Културното наследство е еден од најзначајните сегменти од македонската историја и сведок на нашиот идентитет.

– Оваа есен, нашата безвременска традиција ќе ја однесеме на рандеву со нескротливата модна приказна. Ќе ги собереме на дружба различните епохи и спомени, убавините низ годините со оние кои не очекуваат. Моден викенд Скопје оди во нова, безвременска приказна. Имиџот кој ќе ја претставува сезоната, има за цел да ја илустрира неминливоста на нашиот изворен идентитет и неговата важност како инспирација за создавање на дела од трајна вредност во сегашноста, соопштуваат организаторите.

– Низ современо толкување на традиционалните македонски шари и орнаменти, дизајн решението ја симболизира идејата дека стоејќи зад нашата традиција, го прошируваме и зацврстуваме културното богатство за генерациите кои доаѓаат, вели Јована Зука која го потпишува концепт-дизајнот за визуелниот имиџ.

Во рамките на Моден викенд Скопје , ќе се одржат ревии, изложби, модни перфоманси и забави на неколку локации во градот.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top