| четврток, 6 декември 2018 |

Папата Франциск денеска пристигнува во посета на САД

папа

Поглаварот на Католичката црква, папата Франциск денеска пристигнува во САД, кои се втора дестинација на неговата американска турнеја, по посетата на Куба.

Ова е прва посета на САД на овој латинскоамерикански кардинал, роден во Аргентина, откако е избран за папа.

Во текот на посетата, која се означува како посета на поглаварот на Католичката црква,  а не како посета на странски државник, папата ќе одржи религиозна миса, ќе зборува во американскиот Конгрес и ќе ја посети и Филаделфија, која Американците ја сметаат за родното место на американската независност.

Во САД, папата доаѓа по обновата на дипломатските односи на САД и Куба, што беа во прекин повеќе од половина век, за што тој има голема заслуга со својата тајна посредничка улога меѓу Хавана и Вашингтон.

Според последните статистички истражувања, 45 отсто од Американнците се декларирале дека „се врзани за Католичката црква“.

Претходно, папата Франциск беше во четиридневна посета на Куба.

Пред него, на овој комунистички остров на Карибите, во непосредно соседство на САД, престојуваа и папата Јован Павле Втори и неговиот наследник, папата Бенедикт Шеснаесети, но Франциско е првиот кој освен во Хавана престојуваше и во внатрешноста на Куба, одржувајќи религиозни миси.

На мисата на „Плоштадот на Револуцијата“ во кубанскиот главен град, на кој имаше мурали на револуционерот Ернесто Че Гевара и на Исус Христос, присуствуваше и претседателот Раул Кастро.

Тој го придружуваше папата и во текот на посетите на градот Холгин, на југоситокот од Куба и во Сантјаго де Куба, на истокот од островот, што американските аналитичари го оценуваат како домаќински гест на кубанскиот претседател, но и како видлив знак за промените што оваа земја ги прави последниве седум, осум години.

Холгин е град кој важи за центар на католицизмот во оваа, официјално атеистичка држава, но и како место каде се родиле  и израснале браќата Фидел и Раул Кастро. Тие потекнуваат од семејство на шпански доселеници и во раната младост биле воспитувани во духот на католицизмот, што двајцата го отфрлиле по победата на кубанската револуција.

Сантјаго де Куба, последниот град што го посети папата, е местото каде Фидел Кастро на 1 јануари 1959 година објави дека револуционерите под неговото водство, го собориле од власт диктаторот Фулгенсио Батиста.

Во текот на престојот во Хавана, папата Франциско околу 40 минути „неформално“ разговараше и со Фидел Кастро за „низа прашања, вклучувајќи ја и религијата“.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top