Туристичкиот потенцијал со кој располага Македонија, видовите туризам и можностите за инвестирање во овој сектор беа презентирани пред повеќе од педесетина туристички оператори од Јапонија.
Презентацијата ја организираа Македонската амбасада во Токио во соработка со Јапонската асоцијација на туристички оператори и Агенцијата за промоција и поддршка на туризмот.
Двочасовната презентација на јапонски јазик ја одржа првиот резидентен амбасадор на Македонија во Токио, Андријана Цветковиќ, која говорејќи за туристичкиот потенцијал на Македонија ги повика јапонските туристички оператори да ги искористат бенефициите и субвенциите што им ги нуди македонската влада на странските туристички оператори и агенции.
– Република Македонија е нова и атрактивна дестинација за Јапонците. Субвенциите што им ги нуди владата на туристичките оператори, со голем ентузијазам беа прифатени од страна на јапонските агенции. Голем дел од нив ја контактираа амбасадата со намера да се информираат што повеќе за нашата труристичка понуда, а воедно и подготвуваат тури во Македонија. Амбасадата посветено работи на промоција на Република Македонија во Јапонија, при што се надеваме на значително зголемување на бројот на јапонски туристи за следната година – изјави амбасадорката Цветковиќ.
По предлог и номинација од страна на македонската амбасада во Токио, оваа година во конкуренција на 169 земји Охрид беше избран меѓу 30 најубави места во Европа од страна на јапонските туристички оператори.
Охрид ќе биде промовиран од страна на ЏАТА и на годинашниот туристички саем ЈАТА Туризам EXPO, кој е еден од најголемите саеми за туризам во светот. Саемот ќе трае од 24 до 27 септември и се очекува да биде посетен од преку 150.000 посетители и преку 40.000 туристички оператори и туристички агенции. Со свој промотивен штанд ќе се претстави и Македонија со присуство на Агенцијата за промоција и поддршка на туризмот.
По презентацијата за туризмот јапонските туристички оператори имаа можност да ги пробаат и македонските вина од повеќе винарии.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.