Вицепремиерот задолжен за европски прашања Фатмир Бесими денеска престојува во работна посета на Брисел, во рамки на која се сретна со директорот на Директоратот за проширување на ЕУ, Кристијан Даниелсон и учествуваше на брифинг во врска со претстојниот Извештај за напредокот на Република Македонија.
Како што соопшти СЕП, на состаноците се разговараше за последните случувања во земјата почнувајќи од постигнувањето на политичкиот договор, спроведувањето на нацрт планот на активности за реализација на итните реформски приоритети како и впечатоците од Пристапниот дијалог на високо ниво кој се реализираше во Скопје минатата недела.
– Вицепремиерот Бесими ја истакна улогата на Европската Комисија како стратешки партнер на земјата во процесот на европската интеграција и нагласи дека сега повеќе од кога било е потребна одлука од Советот со која ќе се даде јасна ЕУ перспектива за земјата и одлука за започнување на пристапните преговори, или со поглавјата 23 и 24 во оваа фаза- стои во соопштението.
За време на разговорите Бесими, се наведува, ги потенцираше клучните постигнувања и спроведувањето на реформите од европската агенда, особено во областите на судство, борба против корупција и организиран криминал, слобода на изразување, изборна реформа, фундаментални права и меѓуетнички односи како и во делот на економските критериуми.
Во однос на актуелната состојба со мигрантите, се наведува, беше истакнато дека вклучувањето на земјите од Западен Балкан во единствениот пристап на ЕУ кон мигрантската криза е од суштинско значење, бидејќи земјите, вклучувајќи ја и Македонија, се транзитни за мигрантите и затоа е потребна и поддршката од Унијата. Во таа насока, Бесими ја поздрави посетата на Комесарот Хан на јужната граница истакнувајќи дека тоа е силен сигнал за нас, но и за ЕУ за изнаоѓање решение за овој историски предизвик за целиот систем на ЕУ, посочуваат од СЕП.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.