| четврток, 6 декември 2018 |

Најмалку 57 загинати при воздушни напади на арапската коалиција во Јемен

јемен

Најмалку 57 цивили загинаа, а околу 130 се ранети во послединиве 24 часа при воздушни напади на арапската коалиција предводена од Саудиска Арабија, врз цели на територијата на Јемен под контрола на бунтовниците, јави ДПА.

Според претставник на медицинските служби, само при нападите во реонот на градот Сана загинале 19 цивили, а 109 се ранети.

Други 38 цивили биле убиени, а 27 ранети при напади на авионите на арапската коалиција во северната провинција Садах, која важи за упориште на бунтовниците Хути.

Властите на Оман соопштија дека при нападите било погодено и оманското дипломатско претставништво во Сана, но дека нема информации за жртви.

– Овој напад претставува директно кршење на меѓународните договори и норми, се наведува во соопштението на Министерство за надворешни работи на Оман, кој не е дел од арапската коалиција.

Според податоците на ОН, во судирите меѓу завојуваните страни и при нападите на силите на арапската коалиција во Јемен, од март, па досега, загинале над 4.500 лица.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top