| четврток, 6 декември 2018 |

Исламски радикали активни меѓу бегалците во Германија

Претседателот на германската Федерална канцеларија за заштита на уставот, Ханс Георг Масен предупреди дека радикални исламисти салафисти се обидуваат да регрутираат муслимани сунити меѓу бегалците во Германија. ­

мигранти

 

– Ние го следиме однесувањето на салафистите како филантропи и хуманитарци кои намерно сакаат контакт со бегалците и потоа ги повикуваат во одредени џамии со цел да ги регрутираат за сопствени цели, изјави Масен за весникот „Рајнише пост“.

Според информациите што ги поседува Масен, радикалните исламски групации би можеле да бидат закана за хуманитарните организации и доброволци во обидот да го зголемат своето членство и влијание во Германија.

Досега германските власти регистрирале над 550 свои граѓани кои заминале да се борат во редовите на ИД и други радикални групи на Блискиот Исток. Од нив околу 60 досега го загубиле животот.

На почетокот на годинава Германија усвои законодавство според кое секаква логистичка или друг вид на помош за забранетите терористички организации е казниво. Според легислативата, високи финансиски или затворски казни следуваат и за промоција или јавна поддршка за радикалните групи преку социјалните мрежи.

Масен сепак ги минимизираше стравувањата дека групата Исламска држава би можела да испрати свои терористички групи измешани со бегалаците во Германија, истакнувајќи дека Федерална канцеларија за заштита на уставот и Федералната разузнавачка агенција следеле многу траги и не пронашле било какви знаци дека такво нешто постои. ­

– Патиштата по кои се движат бегалците се премногу опасни за терористи, бидејќи така ризикуваат смрт или можност да бидат откриени, истакнува Месен. Експертите за безбедност сметаат дека ризикот за терористички групи како ИД да успеат да прошверцуваат екстремисти во Европа заедно со бранот бегалци е многу помал од тоа што го престатвуваат некои политичари.

Германската Влада годинава очекува околу 800.000 бегалци, пред се муслимани од Сирија, Ирак и Авганистан.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top