| четврток, 6 декември 2018 |

Со светска премиера на македонскиот филм „Лазар“ вечерва се отвора Фестивалот „Браќа Манаки“

Со светска премиера на филмот „Лазар“ на режисерот Светозар Ристовски, вечерва во Центарот за култура во Битола свечено ќе биде отворен 36. Интернационален фестивал на филмска камера „Браќа Манаки“, кој ќе трае во наредните десет дена под мотото „Филмот е убав“.

lazar

„Лазар“ е копродукција на Македонија, Хрватска, Бугарија и на Франција и оставрување на режисерот Светозар Ристовски по 11 години.

Тематизира приказна за распадот на едно семејство, кое егзистира со пренесување бегалци. Сценариото почна да се развива токму на ИФФК, на „Манаки стрип корнер“. Филмот веќе е прифатен за натпреварувачка програма на фестивалот во Варшава.

На вечерашната премиерна проекција во Битола, филмот пред публиката ќе го претстави дел од екипата – режисерот Ристовски, директорот на фотографија Дејан Димески, актерите Дејан Лилиќ и Наташа Петровиќ и продуцентката Корнелија Ристовска.

svetozar-ristovski-640x320

Светозар Ристовски

На свеченото отворање ќе им бидат врачени наградите „Златна камера 300“ на почесните добитници – специјални награди за особен придонес во филмската уметност на познатите актери Бруно Ганц и Алексеј Серебрјаков и награди за животно дело на кинематограферите Ришард Ленчевски и Божидар Николиќ -Бота. Третиот добитник на признанието е Јаромир Шофр, кому наградата ќе му биде врачена на свеченото затворање, на 27 септември.

На вечерашното отворање ќе биде врачена и наградата „Голема ѕвезда на македонскиот филм“ од Друштвото на филмски професионалци, која годинава ја добива карикатуристот, автор на анимирани филмови и архитект Дарко Марковиќ. 

braka-630x289

Во десетте фестивалски денови ќе бидат прикажани 215 филма. Од нив половина се во различни категории, од кои три натпреварувачки (Официјална, Нов европски филм и Камера на ЈИЕ), а другите 111 се студентски филмови. Организаторите најавија присуство на околу 700 гости (еминентни филмски работници, критичари и студенти). Гости во Битола ќе бидат и седумдесетте  најдобри студенти од факултетите за драмски уметности од 13 универзитети од ЈИЕ, со кои Фестивалот годинава потпиша меморандуми за соработка.

Во официјалната програма на 36. ИФФК се 13  жанровски различни филма, снимени од веќе познати директори на фотографија, но и остварувања на нови имиња. Меѓу филмовите има и наградени на престижните фестивали во Кан, Берлин и Венеција. Тие ќе се натпреваруваат за наградите „Златна камера 300“ (Златна, Сребрена и Бронзена), а наградите ќе бидат врачени на затворањето на ИФФК.

За наградите во главната натпреварувачка програма ќе одлучува петчлено меѓународно жири, под претседателство на полскиот кинематограферРишард Ленчевски – еден од тројцата годинашни добитници на „Златна камера 300“ за животно дело.

Покрај филмски проекции, на фестивалот ќе има конференции (за филмска критика, за кинематографери од Балканот..), работилници, семинари, промоции и изложби, 75 придружни настани на 40-ина локации во градот.

Организаторите информираа дека церемонијата за свеченото отворање и затворање на 36. ИФФК е во знакот на 110 години од првата филмска камера на Балканот.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top