Интернационалниот фестивал на филмска камера „Браќа Манаки“ и официјалниот партнер „Вип оператор“ денеска одржаа прес-конференција со двајцата лауреати на специјалната „Златна камера 300“ – Бруно Ганц и Алексеј Серебрјаков.
Воведниот збор за Алексеј Серебрјаков го дадоа директорот на фестивалот Димитар Николов и уметничкиот директор Благоја Куновски. Куновски го најави како големо име на европскиот филм, а не само на рускиот и го поздрави со зборовите – господин Левијатан. Зборот му го предаде на селекторот на програмата „Нов европски филм“, Дејан Трајкоски како модератор.
-Би додал – господинот добар Левијатан. Серебрјаков посебно со неговата улога во „Левијатан“ на Андреј Звагињцев, но и претходно во многу други филмови на најдобрите руски режисери остава навистина неизбришлива трага. Тоа што посебно го одбележува овој голем актер е неговата храброст, бескомпромисност како во актерскиот израз, така и во неговите политички и општествени погледи – рече Трајкоски.
Серебрјаков се заблагодари и ја опиша нашата земја како комбинација од сонце, пејзаж, многу убави луѓе и вино. За улогата во „Левијатан“ рече:
– Многу тежок филм. Некои кадри се преснимуваа по 20-30 пати. Сепак, оставам сликата да зборува сама за себе и се надевам дека токму преку таа слика нашите поколенија ќе можат да разберат на каква територија живеат.
Лауреатот додаде дека го интересираат авторски искажувања на луѓето и дека би снимил и македонски филм, ако се појават такви предлози од македонските режисери.
-Ги делам филмовите на филмови со гола жена со сабја во раката и филмови што бараат размислување, кои поттикнуваат дијалог со самите себеси и со авторот, а такви се многу помалку – изјави Серебрјаков.
На вториот дел од прес-конференцијата големите актери не само што си ги разменија местата, туку разменија и ракувања.
Директорот Николов во најавата и поздравот за Бруно Ганц истакна:
-За мене лично е, можеби, најголемото европско филмско име, човек на кој му се восхитувам отсекогаш и кој оставил печат на многу генерации луѓе. Овие десет дена имавме неколку прекрасни дружби и одушевени сме од неговата големина.
Селекторката на документарната програма на фестивалот Гена Теодосиевска како модератор на прес-конференцијата со Бруно Ганц му рече дека го памети како ангелот од филмот „Небото над Берлин“ од Вим Вендерс во кого сите се вљубивме.
-Кога почнавме да снимаме со Вендерс многу дијалози во сценариото не беа целосни. Што е ангел, како изгледа, како зборува, како комуницира со другите ангели. Претходно немаше филмови за ангели и немавме друга претстава освен преку религиозните мотиви и книги. Снимавме по 12 часа, а потоа во вечерните часови продолжувавме со состаноци. Воопшто немавме приватен живот – изјави Бруно Ганц.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Поврзани вести
-
Фестивалот „Браќа Манаки“ инспирација за нов балкански филмски фестивал
-
Заврши 39.ИФФК „Браќа Манаки“: Златна камера 300 за кинематографер Кјонг Пјо Хонг
-
Франк Ван Ден Иден кинематограферот од филмот „Девојка“ претставен на „Браќа Манаки“
-
Фестивалските гости на „Браќа Манаки“ го посетија гробот на Милтон Манаки