Динамо Загреб го направи најголемото изненадување во првото коло од Лигата на шампионите со победа против фаворизираниот тим на Арсенал. Оливие Жиру поцрвене во 40. минута, а лондончани помодреа на крајот од мечот и со наведнати глави го напуштија „Максимир“.
Популарните модри, како што ги нарекуваат играчите на Динамо одиграа мудро, ја искористија предноста од еден играч повеќе и со головите на Пивариќ и на Фернандес славеа вредна победа. За гостите од Лондон стрелец беше Волкот. Цел меч за Динамо одигра македонскиот репрезентативец Аријан Адеми.
Актуелниот шампион Барселона со реми во Рим против Рома, 1-1, ја почна одбраната на титулата. Суарез погоди за предност на Каталонците, а маестрален гол од половина терен постигна Флоренци за Рома. Тој го фати на спиење Тер Штеген и со вистинско ремек-дело донесе голем бод за римската волчица.
Резултати: Динамо (З) – Арсенал 2-1, Рома – Барселона 1-1, Олимпијакос – Баерн 0-3, Челси – Макаби Т.А. 4-0, Гент – Лион 1-1, Баер – БАТЕ Борисов 4-1, Динамо (К) – Порто 2-2, Валенсија – Зенит 2-3.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.