Најдобриот светски тенисер на сите времиња и моментно вториот на листата на АТП, Роџер Федерер, не е изненаден од добрата форма и од игрите што ги игра на последниот грен-слем оваа сезона, на Отвореното првенство на САД.
Иако има 34 години, Федерер игра како во најдобрите денови и без загубен сет во петте меча досега се пласираше во полуфиналето, каде ќе игра против неговиот сонародник Станислас Вавринка.
– Од пред неколку години се обидов да ја согледам пошироката слика за да и натаму играм добро во овие години, така што на некој начин и сега не сум изненаден со своите добри игри. Работев на својата игра, па елементите на игра ми се подобри во однос на претходните десет години – вели Федерер и дополнува:
– На крајот на краиштата, сѐ се сведува на вербата во себе, на тоа да се остане во форма, мотивиран и без повреди.
Популарниот „Федекс“ е свесен дека е огромен подвиг на 34 години да се игра на врвно ниво.
– Во мои години да протрчам покрај пет ривали како што направив, мислам дека не е така нормално, искрено говорејќи, иако очекував дека ќе играм добро. Но, не се чувствувам толку стар колку што сум, уште се чувствувам млад – вели Федерер.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.


