Заканата од уништувањето на Охридското Езеро со претерана урбанизација дојде и до страниците на јулското издание на едно од најчитаните печатени списанија за дивиот свет Би-би-си вајлдлајф мегазин ( BBC Wildlife Magazine).
„Балканскиот Галапагос е под закана. Домот на уникатните видови риби и полжави, Охридското Езеро може да пресуши доколку се гради во неговото Блато“, пишува во статијата.
Охридското Езеро е најстарото природно езеро во Европа и едно од најстарите природни езера во светот. Најголемата просечна длабочина изнесува 155 метри, поради што е најдлабоко во Европа и 14-то најдлабоко езеро во светот. Со повеќе од 200 ендемични видови кои живеат во неговите води, Охридското Езеро е најважниот езерски екосистем на европскиот континент.
И можеби токму поради овој податок, Би-би-си како едно од наjрелевантните списанија за див свет, во своето јулско издание објави статија за заканата од уништување на Охридското Езеро, пренесува граѓанската иницијатива Охрид SOS.
Би-би-си списанието за див свет се печати од 1963 година, и оттогаш па наваму објавува стручни и проверени информации за дивиот свет на планетата Земја.
Студенчишкото Блато е ризница на уникатна фауна, како и место за мрестење и гнездење на многу видови жив свет кои го чинат уникатниот екосистем на Охридското Езеро.
Со новиот Генерален урбанистички план за Охрид 2014-2024 се планира Блатото да се исуши за да се изградат луксузни апартмани, хотел и марина. Со намалувањето, односно преземањето на површината на Блатото ќе се промени квантитетот и квалитетот на подземните и површинските води, како и неговата основна функција (природен прочистувач на Охридското Езеро) што воедно е најсериозна закана по биолошката разновидност на Блатото како и на самото езеро, алармира Охрид ЅОЅ.
Здружението информира дека во јуни годинава испратило отворено писмо до градоначалникот на Охрид, Никола Бакрачески, во кое бараат мораториум на спроведувањето на активностите/проектите кои подразбираат намалување, односно преземање на Студенчишко Блато.
До денеска Охрид ЅОЅ нема добиено никаков одговор на барањето. Помислата дека Охрид и Македонија ќе останат без ова природно богатство е застрашувачка и неприфатлива како за македонската јавност, така и за меѓународната заедница, но изгледа не и за носителите на одлуки кои сè уште веруваат дека со природата може да се пазари, велат активисти на граѓанската иницијатива Охрид SOS.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.