Холандска новинарка изјави дека била приведена од турската полиција, додека известувала за судири во град со претежно курдско население во југоисточен регион на Турција.
Новинарката Фредерике Гердинк објави на својот „Твитер“ профил денеска дека била приведена во градот Јуксекова и дека ќе биде изнесена пред суд.
– Во притвор сум во Јуксекова, објави Фредерике Гердинк на „Твитер“, додавајќи дека патувала со група курдски демонстранти, кои исто така се задржани во притвор.
Според холандските медиуми, Гердинк била уапсена под обвинение дека патувала во забранет регион.
Висок турски претставник изјави дека таа била уапсена поради нејзината лична безбедност.
– Фредерике не е уапсена поради нејзината новинарска работа.Таа се наоѓа во зона на безбедност, каде се водат борби, поради што ние не можеме да ја гарантираме нејзината безбедност, така што таа ќе биде задржана и истрагата продолжува, нагласи турскиот претставник.
Тоа е второ апсење на фриленсер новинарката, што се фокусира на курдските прашања во Турција. Таа беше на кратко уапсена во јануари и ослободена од обвиненијата за учество во пропаганда во корист на курдските бунтовници во април годинава.
Портпаролот на холандското министерство за надворешни работи денеска изјави дека амбасадата на Холандија во Анкара ја следи ситуацијата со приведената новинарка.
Фредерике Гердинк работи во Турција од 2006 година, а во Дијарбекир се наоѓа веќе три години, наведува весникот „Хуриет дејли њуз“. Таа е автор на книга на холандски јазик за турските курди и води блог на англиски јазик „Курдски прашања“.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.