
Македонија ќе бие битка со познати ривали во клучната прва фаза по групи на претстојниот Евробаскет што почнува денес. Дуелот со Грција е денес од 18 часот, како премиера за четата на Марјан Србиновски во таканаречената балканска група. Потоа се и натпреварите со Холандија, Хрватска, Грузија и со Словенија. Дури четири од петте противници во групата Ц во Загреб ни беа ривали и во Литванија пред четири години, кога Македонија испиша прекрасна бајка и го забележи најголемиот успех во колективните спортови со освојување на четвртото место. Тогаш ги победивме и Грците и Хрватите и Словенците и Грузијците, а Холандија не учествуваше на турнирот.
Групата Ц, во која е и Македонија, ќе се игра во Хрватска, а кодомаќини се и Франција, каде што ќе се игра финалето, потоа и Германија и Летонија.
Ќе ви ги претставуваме сите противници на нашата репрезентација од групата Ц во почетната фаза на шампионатот… Почнуваме со денешниот противник, Грција.
Шлагер на стартот против тимот од соништата на Грција
Веднаш на стартот ќе играме со големиот ривал и наш јужен сосед, Грција. Натпреварите со нив во сите спортови имаат поинаква димензија и огромно ривалство, а победите вредат двојно. Грција овој пат има одличен состав со три играчи од НБА, а ќе ги предводи еден од најдобрите бекови во Европа, Василис Спанулис. Капитенот на Грција е движечката сила на репрезентацијата и тоа подолг период, а настапува во домашниот шампионат за Олимпијакос. Во НБА-лигата играат новата ѕвезда на грчката кошарка, црномурниот Јанис Антетокунмпо, кој е член на Милвоки бакс, потоа и Костас Куфос центарот на Сакраменто кингс и Костас Папаниколау од Денвер нагетс. Искуство со настапите во најсилната кошаркарска лига на планетата имаат и Спанулис, кој беше член на Хјустон рокетс, и Ник Калатес, кој играше за Мемфис гризлис. Ако се додаде дека во грчката репрезентација има и кошаркари од Реал Мадрид и од Барселона, тогаш јасно е дека Грците имаат вистински тим од соништата и се во групата на главни фаворити за медал.
Во подготвителниот период пред стартот на Евробаскетот одиграа девет натпревари и победија на седум од нив.
Главна ѕвезда: Василис Спанулис
Ветеранот (има 33 години) родум од Лариса е главната алка во репрезентацијата на Грција, а неговата кариера е пребогата со индивидуални признанија и трофеи. Тој и Тони Кукоч се единствените двајца кошаркари што трипати биле избрани за најкорисни играчи (МВП) на завршните турнири во Евролигата. Спанулис има златен и бронзен медал од европските првенства, сребро од СП и три титули европски првак во клупската кошарка, еднаш со Панатинаикос и двапати со Олимпијакос.
Првите петмина: Спанулис, Калатес, Куфос, Антетокунмпо, Принтезис.
Селектор: Фотис Кациракис
Натпреварот со Грција започнува денес во 18 часот.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.


