| четврток, 6 декември 2018 |

Димитровски се извини, погрешил со непромислениот потег

reprezentacija

По скандалозното напуштање на репрезентацијата на Македонија, централниот дефанзивец Владимир Димитровски, кој ова лето се пресели во Карабак, денеска преку порака до јавноста се извини за начинот на кој своеволно ја напушти репрезентацијата.

Откако во три часот наутро ја напушти репрезентативната база, за средување на документи со неговиот нов клуб, без консултација и барање од стручниот штаб ги напушти репрезентативните редови, Димитровски веднаш беше избришан од селекторот Љубинко Друловиќ за натамошните настапи на „црвено-жолтите“.

– Ја прифаќам одлуката на селекорот и на Фудбалската федерација на Македонија. Сакам да се извинам за мојата непромислена постапка. Погрешив, донесов погрешна одлука во еден важен момент за репрезентацијата и би сакал да се извинам. Се надевам дека во иднина, доколку заслужам повик, повторно ќе добијам шанса да бидам дел од националниот тим – се вели во пораката од Димитровски до стручниот штаб на селекцијата и до соиграчите, како и до македонската спортска јавност.

Селекторот Љубинко Друловиќ беше лут и разочаран што тоа се случи во репрезентацијата што ја води, и реши Димитровски веднаш да биде избришан од списокот.

– Хиерархијата мора да се почитува, уште повеќе што сите репрезентативци имаат потпишано кодекс што смеат, а што не е дозволено кога се во националниот А-тим. Димитровски ја наруши дисциплината во тимот, а за мене тоа е една од најважните работи. За вакви или слични постапки фудбалерите во останатите репрезентации добиваат драстични казни кои се рефлектираат и на клупските настапи. Крајно непрофесионално е однесувањето на Димитровски, да побараше дозвола за било што, можевме да разговараме и да донесеме одлука – изјави селекторот Љубинко Друловиќ.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top