| четврток, 6 декември 2018 |

Десетици повредени во сместувалиште за бегалци во Германија

Четириесетина луѓе се повредени, меѓу нив и осум деца, во нападот што се случил во текот на ноќта во сместувалиште за баратели на азил во градот Масов, на северот од Германија, во близина на Хамбург.

Полицијата го уапсила напаѓачот, кој користел спреј солзавец, а кој бил под дејство на алкохол и на дроги.

Напаѓачот на возраст од 28 години влегол во центарот за бегалци кој е сместен во поранешната зграда на локалната болница и започнал да прска со спрејот, со што предизвикал здравствени проблеми кај четириесетина лица од кои двајца возрасни и осум деца поради респираторни проблеми и иритација на очите биле префрлени во болница на понатамошно лекување.

Напаѓачот по првичните инциденти бил совладан од вработените во кампот и бегалците, по што бил заклучен во една од собите, пренесува „Берлинер морген пост“.

Според полицијата, напаѓачот е познат корисник на дроги, а бил вработен во фирма која работела за потребите на кампот и бил сместен во хотелот што се наоѓал во истиот круг со бегалците. Оваа година Германија се соочи со огромен број напади врз центри за бегалци и баратели на азил.

Само во последните протести на крајот на август беа повредени 31 полицаец.

Во првите шест месеци од 2015 година, бегалците се жртви на околу 200 напади на бегалски сместувалишта, а само во јули и бо август според Федералната криминална полиција се случиле 131 напад на бегалци од страна на десничарски екстремисти.

Дел од напаѓачите на бегалските кампови пред една недела протестираа пред центар за бегалци во градот Хајденау, каде што канцеларката Меркел ги посети барателите на азил.

Десничарските екстремисти на протестите против Меркел, која порача дека нема толеранција за тие што не сакаат да им помогнат на бегалците, ја нарекуваа „предавник на нејзините луѓе“, реченица која се користела за време на нацистичка Германија за луѓето што биле против Хитлер. Во 2015 се очекува Германија да прими околу 800 илјади азилантски барања, повеќе од сите други членки на ЕУ заедно.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top