Американскиот државјанин Кевин Дахлгрен, кој во Чешка е осомничен за брутално четирикратно убиство, во придружба на припадници на Федералното истражно биро (ФБИ) е екстрадиран и притворен во Чешка.
Дахлгрен, кому му се заканува доживотна казна затвор, се сомничи дека пред две години во Брно убил четири члена на едно семејство, негови подалечни роднини, кај кои престојувал.
Американските власти првпат во историјата екстрадираат свој државјанин во Чешка, но постои можност, доколку биде осуден, казната да ја издржува во својата татковина, јави дописникот на МИА од Прага.
– Дахлгрен е обвинет за брутално злосторство, кое беше направено на чешка територија и затоа треба да се суди според законите во Чешка – изјави чешкиот премиер Бохуслав Соботка, поздравувајќи ја чешко-американската соработка.
Безживотните тела на четиричленото семејство Ивановиц, жена, маж и нивните возрасни синови, беа пронајдени во нивната семејна куќа, во мај 2013 година.
Според полицијата, на жртвите биле откриени десетици убодни рани од нож, а сторителот се обидел и да ги запали телата.
За убиствата беше осомничен Дахлгрен, кој до откривањето на телата привремено престојувал кај семејството, а потоа избегал во САД каде врз основа на меѓународна потерница на аеродромот беше притворен.
Полицијата соопшти дека на неговата облека биле пронајдени траги од крв на убиените, но тој го негирал обвинението тврдејќи дека бил на трчање и кога се вратил ги нашол мртви своите роднини, па во паника избегал.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.