Неодамна заврши снимањето на краткометражниот филм „Борба за смрт“, кој се снимаше во мариовското село Кален, според сценарио и во режија на Елеонора Венинова. Во главните улоги се Мите Грозданов и Илија Струмениковски, кои толкуваат ликови на двајца старци, кои се расправаат за последното гробно место во едно запустено македонско село. „Борба за смрт“ е парадоксална драма, која ги разоткрива дилемите за тоа што ќе се случи ако на човек, кој животот го свел на исчекување на смртта, одеднаш некој му го уништи планот за умирачка. Филмот се реализира во продукција на „ДНФ филмс“, продуцент е Гоце Кралевски, а директор на фотографија е Димо Попов. „Борба за смрт“ го финансира Агенцијата за филм на Република Македонија, а e поддржан и од телевизија „Канал 5“.
Со еден од бардовите на македонското глумиште Мите Грозданов (71) се договоривме да поразговараме откако заврши снимањето на „Борба за смрт“, чијашто премиера се очекува наесен. Иако е во пензија веќе седум години, тој е неуморен. Работи, снима, глуми, режира, подготвува кандидати за приемен испит на Факултетот за драмски уметности. Тој е подвижна енциклопедија, има толку многу да раскаже, пред сѐ благодарение на професионалниот багаж што го носи со себе, но, секако, и животното искуство. Не можат да се набројат сите негови главни ролји во филмови, телевизиски серии, театарски претстави… Тој е еден од ретките актери што може да се пофали дека глумел со холивудската ѕвезда Ричард Бартон во „Сутјеска“. Секогаш е подготвен за чамче муабет и со младо и со старо, и со познати и со помалку познати ликови од неговото секојдневие. Автор е на три книги поезија и на четири други книги.
Каков е ликот што го толкувате во „Борба за смрт“?
ГРОЗДАНОВ: На Милојко, ликот што го толкувам во „Борба за смрт“, на сон му се јавила починатата жена за да му каже да се подготвува да дојде кај неа. Но, доаѓа Јанко и тука настанува караницата за гробот. Јанко има проблеми со срцето. Прво режисерката мислела јас да го толкувам ликот на Јанко, но ѝ посочив дека овие реплики се напишани за мене. Одлуката, сепак беше нејзина и таа реши на крајот јас да го толкувам ликот на Милојко. Кратката приказна е Милојко и Јанко цел ден се караат кому му припаѓа гробното место. На Јанко му паѓаат апчињата од кошулата, се лизнува и паѓа во гробот, Милојко да му помогне, да ги извлече, паѓа и тој во гробот. На караниците им нема крај цел ден, но на крај одат да се напијат по „една“.
Велите дека најлесно се игра на филм, потешко на телевизија, а најтешко во театар. Зошто?
ГРОЗДАНОВ: Колку и да е тешка материјата, филмот се снима кадар по кадар. Ако режисерот е талентиран, ќе монтира како што треба. Потешко е на телевизија, кога снимаш со три-четири камери и се снима сцена по сцена. Мора да го научиш текстот. Најтешко е во театар, мораш континуирано да живееш. Ниедна претстава не е иста, како што и животот не е ист. Играње претстава значи во континуитет да се истрае, од почеток, средина и крај. Јас ги сакам и филмот и телевизијата, ама врвната уметност е во театарот.
Официјалното заминување в пензија за многумина значи и крај на професионалниот ангажман, но Вие уште носите страст за животот. Што Ве „држи“ жив?
ГРОЗДАНОВ: Откако сум во пензија од 2008 година постојано сум ангажиран. Никогаш досега не сум молел за улога. Како пензионер снимив повеќе серии од „Македонски приказни“ на „Канал 5“, потоа за „МТВ“, бев поканет и за „Случки од животот“. Не сакав да играм, да не бидам здодевен, но кога ќе се разболеше некој мене ме викаа. Снимав и за „Сител“, „Последниот старец“. Работата си ја терам професионално. Од Драмски заминав во пензија достоинствено, како што треба, со величествена претстава.
Дали секој од нас има пет минути во животот што знае да ги искористи: Кои се вашите пет минути?
ГРОЗДАНОВ: Секој има свои пет минути и не постои неталентиран човек на светот. Но, зависи за каде му е талентот. Ќе дојдат болно амбициозни родители нивното дете да биде актер. Кога ќе констатирам дека не е талентирано, им велам: најдете му го талентот на ова дете, не е за тука. Подготвував две деца, ама знаев дека не се талентирани и им реков да си ја пробаат среќата во друга професија. По една година дојдоа двајцата – едниот со „десетки“ на Правен факултет, вториот со „десетки“ на Машински факултет. Ми рекоа: „Фала чичко Мите, ми го спаси животот“. Дури по три години родителите ми простија. Оттогаш, кога подготвувам деца за на факултет ги викам и родителите, да им кажам дали се децата талентирани. Досега не сум погрешил во избор на талент и во поделбата на улоги. Кога ќе го згрешам тоа, само ќе глумам.
Што сакате да гледате денеска во театар?
ГРОЗДАНОВ: Најдобар експеримент е добра претстава. Многу сакам да гледам добра претстава. Од доброто се учи како треба да се направат, а од лошото како не треба да се направат. Нема трето.
Дали жалите за нешто во Вашата кариера?
ГРОЗДАНОВ: Жалам што не го одиграв Ричард Трети во младоста. Тогаш бев презафатен со други улоги. Во младоста играв многу главни улоги на историски личности од кои на пет личам автентично – Никола Карев, Коча Поповиќ, Адолф Хитлер, Бертолт Брехт и Антон Чехов. Би било добро, додека ме држи снагата, да го одиграм лудиот Алберт Ајнштајн. Веќе сум побелен во косата. Сакам да го одиграм и крал Лир, но и чорбаџи Теодос.
Во „Сутјеска“ глумевте покрај Ричард Бартон. Кажете ни нешто повеќе за искуството?
ГРОЗДАНОВ: Тогаш имавме судир со Бартон. Несомнено, тој е голем актер. Но имаше поставено еден глупав услов во филмот – сите југословенски актери да говорат на англиски бидејќи тој не може да говори српскохрватски јазик. Тој имаше огромна дневница, во однос на нашата. Секој ден го носеше хеликоптер од Купари до местото на снимање. Еден ден на снимањето им реков: „Кажете му на Стипе Делиќ дека ако не говорам српскохрватски да не ги вклучува камерите“. Ја извршив задачата, го научив текстот на англиски јазик иако никогаш не сум учел англиски, но инсистирав на српскохрватски и на крај дијалогот го снимивме на српскохрватски, а не на англиски. Се собраа сите глумци – од Бата Живоиновиќ, Борис Дворник, Милена Дравиќ, Ружица Сокиќ, Коле Ангеловски. Во едно интервју Живоиновиќ призна дека Мите Грозданов бил единствениот тогашен актер што им го обелил образот на југословенските актери.
Што сакате да им порачате на денешните генерации, на младите што животот допрва треба да ги научи некои лекции?
ГРОЗДАНОВ: Младите да имаат снага како мене и да љубат како мене. Да гледаат да направат квалитет, а потоа да гледаат да направат пари. А тие прво пари бараат, а потоа квалитет. А квалитетот никаков. Никогаш да не се воздржуваат. Без старец нема искуство. Значи, ако не заиграат заедно стари и млади нема иднина театарот во Македонија. Ристо Стефановски постојано примаше млади кадри во Драмски, но старите постојано играа. Многу ги почитувавме постарите, а тие несебично ни даваа сѐ од себе. Затоа Драмски беше првак во Југославија, секаде каде што одевме по фестивали им ги земавме наградите.
Разговараше: Александра М. Бундалевска
Фото: Ѓорги Личовски
(Интервјуто со актерот Мите Грозданов е објавено во 155. број на неделникот Република, 21.08.2015)
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.