| четврток, 6 декември 2018 |

Кинотека ќе одбележи 50 години професионализам на актерот Мите Грозданов

Кинотека на Македонија организира прослава на јубилејот на пензионираниот доајен на македонското актерство Мите Грозданов, кој навршува 50 години професионализам, и 63 години аматеризам. За таа цел од 7-13 декевмри ќе се одржат проекции на филмовите во кои Мите Грозданов учествувал активно како актер, но и како режисер: ЦРНО СЕМЕ на Кирил Ценевски, ИСТРЕЛ на Бранко Гапо, МИТЕ-КОШТАН-ГРКЉАН во кој Мите Грозданов се јавува и како актер и како режисер, ГЛУЖД ВО ВРЕМЕТОЕУРЕКА: СОКРАТ, НАРОДНИ ТРИБУНИ: ДИМИТАР ПОП-ГЕОРГИЕВ БЕРОВСКИКОЛЕДЕ – МИРЧЕ, ЛАВЕ, СТРУЈА, ОЃИН И МИТЕ. Сите проекти на кои што работел се многу значајни за македонската филмска и тв продукција.

Пред почетокот на филмот ЦРНО СЕМЕ на 7 декември Кинотеката на Македонија  ќе се приклучи во одбележувањето на чествувањето на Св. Климент Охридски со проекција на филмот ОХРИДСКИОТ СВЕТИЛНИК – КЛИМЕНТ ОХРИДСКИ. Проекцијата ќе започне во 20.00 часот (филмот трае 16 мин.) по што ќе продолжиме со проекција на филмот ЦРНО СЕМЕ со кој одбележуваме 50 години професионализам и 63 години аматеризам на нашиот истакнат актер МИТЕ ГРОЗДАНОВ.

50 ГОДИНИ ПРОФЕСИОНАЛИЗАМ /63 ГОДИНИ АМАТЕРИЗАМ

Почетокот на една актерска кариера по правило е исполнет со соништа и мечти за успех; младоста го прави своето, па човек мисли дека сиот свет е негов или би можел да биде. Ретко, тоа и успева. Мите Грозданов веднаш по дипломирањето на Театарската академија во Белград на отсекот за глума во 1967 г. се вработува во Драмскиот театар кој ќе остане негова матична сцена се’ до пензионирањето во 2008 година. Уште на самиот почеток на својата кариера се вивнува во уметничките височини закитувајќи се со Златниот ловоров венец на престижниот Саревски фестивал МЕСС за насловната улога во Партитурата за еден Мирон. Помеѓу оваа претстава и историската хроника, монодрама која тој ја одигра по повод официјалното заминување во пензија се врамени уште многу улоги, награди, монодрами. Cекако не безначајнa за неговата кариера и творечко кредо e неговата боемштина која лично ја смета за составен дел на деликатната и тешка професија на актер. Мозаикот на неговите ангажмани опфаќа и стотици радиодрами, режии (во професионални и аматерски ансамбли), настапи на телевизиски драми и серии, како и неколку филмски улоги. Во сите овие форми на театарското изразување до израз доаѓа неговата нескротлива енергија, неисцрпна и фасцинантна концентрација, моќ за трансформација. Она што е особено важно е дека Мите Грозданов секој ангажман, во која било форма на театарскиот израз, секогаш го сметал за сопствено надградување и го користел за сопствено усовршување.

 

 

7 декември (четврток) 20:00 ч.

ОХРИДСКИОТ СВЕТИЛНИК – КЛИМЕНТ ОХРИДСКИ

Производство: Вардар филм – Скопје
Род: Документарен филм
Времетраење: 16 минути
35 мм филмска лента
Година: 1966

Автори:

Режија: Трајче Попов 
Сценарио: Харалампије Поленаковиќ 
Монтажа: Драгомир Панков 
Снимател: Киро Билбиловски 
Тон: Јордан Јаневски 
Светло: Трајче Саздовски 

 

 

Содржина: 

Филмот е посветен на 1050-годишнината од смртта на Климент Охридски, следејќи го неговиот животен пат од Рим до Кутмичевица во Македонија, како и неговата дејност во воведувањето на словенскиот јазик во богослужбата, пишувањето со словенското писмо и на словенски јазик и просветителската работа со населението во овој крај на Македонија.

Награди:

1966 13 Ноемвриска награда за снимателот Киро Билбиловски 1967 ФЈДКФ, Белград, Диплома за режија на Трајче Попов


ЦРНО СЕМЕ
(Black Seed)
Игран филм, Р. Македонија
1971 г., 89 мин., колор, 35 мм
Режија: Кирил Ценевски (Kiril Cenevski)
Сценарио: Ташко Георгиевски, Кирил Ценевски (Kiril Cenevski, Tashko Georgievski)
Улоги: Павле Вуисиќ, Дарко Дамевски, Мите Грозданов, Ацо Јовановски, Воја Мириќ, Ристо Шишков (Pavle Vuisic, Darko Damevski, Mite Grozdanov, Aco Jovanovski, Voja Miric, Risto Shishkov)

За време на Граѓанската војна во Грција, во 1946 година, припадници на кралската грчка војска, во чиј состав влегуваат и Македонците од Егејска Македонија под обвинение дека се комунисти и непријатели на кралска Грција и се казнуваат со упатување во логор на пуст остров. Репресиите се секојдневни, со постојани измачувања, тепања и стрелања на секој што, на каков било начин, ќе даде отпор или ќе покаже непослушност. Не можејќи да ги поднесат понижувањата, затворениците се креваат на бунт. За улогата на Андон, Дамевски во 1971 г. ја доби „Златната арена“ за најдобра машка улога на Филмскиот фестивал во Пула, а во следната, 1972 г., ја доби републичката награда „11 Октомври“.

9 декември (сабота) 20:00 ч.
ИСТРЕЛ

(A shot)
Игран филм, Р. Македонија
1972 г., 98 мин., колор, 35 мм
Режија: Бранко Гапо ( Branko Gapo)
Сценарио: Димитар Солев (Dimitar Solev)
Улоги: Емил Рубен, Мајда Тушар, Неда Арнериќ, Дарко Дамевски, Петар Арсов, Драгомир Фелба, Слободан Димитриевиќ (Emil Ruben, Majda Tushar, Neda Arneric, Darko Damevski, Petar Arsovski, Dragomir Felba, Slobodan Dimitrievic)

Младоста, чија храброст секогаш е без предрасуди, и во Скопје за време на бугарската окупација во Втората светска војна, сакајќи ја слободата за својот народ, се решава на низа акции, меѓу кои најголема е – атентатот врз бугарскиот полициски началник Емануел Мачков. По пристигнувањето на Емануел во началството, тој на своите агенти им наредува да обрнат големо внимание на младите од Дебар Маало, Пајко Маало и Чаир. Во меѓувреме, заради безбедно поминување на партизанскиот одред во близината на Скопје, во градот треба да се организираат низа помали акции кои би го свртеле вниманието на полицијата врз себе. Така другарите Дано, Доне, Игор и Боро преземаат акција на аеродромот, при што ги палат авионите. Како реакција, полицијата врши рација, собира само млади луѓе кои се изложуваат на големи мачења. Филмот е добитник на наградите „Златна арена“ за снимателска работа на Мишо Самоиловски на фестивалот на југословенски филм во Пула во 1972 како и „Голема повелба“ за актерско остварувања на Слободан Димитриевиќ на филмскиот фестивал во Ниш во 1972 г.

10 декември (недела) 20:00 ч.
МИТКЕ-КОШТАН-ГРКЉАН

2003 г., 69 мин., колор, ДВД
Режија и адаптација: Мите Грозданов
Улоги: Мите Грозданов, Викторија Анѓушева, Будимир Лазев, Сељадин Хуна, Елена Чадиковска

Телевизиска снимка од театарската изведба на драмата „Коштана“ на Борисав Станковиќ, адаптирана на помал ансамбл со неколку ликови, во режија на Мите Грозданов. Тоа е едноставно театарско дело, без сложени дејствија, силни конфликти и вешта драматургија. Во неа е внесена убавата песна од југот на Србија, патријархалните обичаи, трагичните човечки судбини, поединечните страдања и колективните несреќи. Дејствието се случува во Врање кон крајот на 19 и почетокот на 20 век. Темата е колку стара, толку и современа – загубената и неостварена љубов, ликовите се и стари и млади, но несреќни, а сето тоа го согледуваме преку главните ликови Митке, Коштана, Стојан, Хаџи Томе, Арсе и Гркљан.

11 декември (понеделник) 20:00 ч.
ГЛУЖД ВО ВРЕМЕТО

2002 г., 62 мин., колор, ДВД
Режија и сценарио: Ѓорѓи Стојаноски
Улоги: Мите Грозданов, Милица Стојанова, Митко Костов, Адријана Бошкоска, Роберт Вељановски, Благоја Спикоски-Џумерко

Новите времиња налагаат промени со кои постарите членови на едно семејство не можат да се помират. Куќата во која живеат треба да биде срушена заради изградба на нов пат, а тие не сакаат да ја напуштат – тој чин го доживуваат како обезкоренување на семејството. Рушењето на куќата е метафора на она што пошироко се случува – политички и општествени промени во земјата, нејасни и непотребни според постарите, но неизбежни според мислењето на помладите членови на семејството. Во новите промени дури и помладите зачекоруваат колебливо, без верба и исплашено, наспроти сентименталноста на своите родители.

12 декември (вторник) 20:00 ч.
ЕУРЕКА: МИХАИЛ ШОЛОХО
В
1992 г., 39 мин., колор, ДВД
Режија и сценарио: Богдан Поп Ѓорчев
Улоги: Мите Грозданов, Бранко Ѓорчев, Тања Кочовска, Ѓорѓи Колозов, Владимир Ендровски, Кирил Андоновски, Томе Витанов

Трогателна приказна за почетоците на писателската кариера на познатиот советски писател Михаил Шолохов, во првите години на Октомвриската револуција. Во филмот проникнуваат суровата реалност на поствоените времиња со уметнички копнеж, возвишените идеали и надежда за подобро утре на младиот Шолохов, кој штотуку го започнува неговиот долг и плоден пат на неговиот уметнички ангажман. Шолохов е добитник на Нобелова награда во 1965 год, а неговите најпознати дела се „Донски раскази“, „Тихиот Дон“, „Човековата судбина“ и „Донски раскази“ итн.

ЕУРЕКА: СОКРАТ
1991 г., 30 мин., колор, ДВД
Режија: Стојан Стојаноски
Сценарио: Иван Џепаровски
Улоги: Мите Грозданов, Светлана Стојановска, Анастас Таневски, Лазе Манасков, Младен Крстевски, Драгиша Димитриевски, Гоце Влахов

Епизода од серијата „Еурека“ на Телевизија Скопје посветена на размислувањата на античкиот философ Сократ, реконструирани според делото „Одбраната Сократова“ на неговиот ученик Платон. Големиот антички филозоф Сократ (470-399) пр. н. е. е наклеветен и обвинет од Милет, атински граѓанин, за безбожништво и дека идејно ја „труе”, ја расипува младината. Тој пред судот одбива да отстапи од своите принципи и да се откаже од своето учење. Настојувајќи за последен пат на граѓаните да им ја претстави духовната длабочина и вродената добрина на човекот, тој е осуден на смрт. Ова телевизиско остварување претставува оригинален обид да се прераскажат историските собитија кои извршиле силно влијание врз филозофскиот и духовниот пат на западната цивилизација.

13 декември (среда) 20:00 ч
НАРОДНИ ТРИБУНИ: ДИМИТАР ПОП-ГЕОРГИЕВ БЕРОВСКИ

1987 г., 30 мин., колор, ДВД
Режија: Томче Стојков
Сценарио: Лазар Коларевски
Улоги: Мите Грозданов, Мери Бошкова, Кирил Псалтиров, Славица Зафировска, Јовица Михајловски, Ванчо Петрушевски, Драги Крстевски – Амфи, Ратко Гавриловиќ

Епизода од серијата „Народни трибуни“ на Телевизија Скопје снимена 1987 г., посветена на Димитар Поп Георгиев-Беровски, национален деец и револуционер, учесник во Разловечкото и Кресненското востание.

КОЛЕДЕ – МИРЧЕ, ЛАВЕ, СТРУЈА, ОЃИН И МИТЕ…
2002г., 43 мин., колор, ДВД
Режија: Мите Грозданов

Документарна репортажа за коледарските обичаи во Кавадарци, во 2002 година. Група коледари вечерта спроти Бадник пеат и се гоштеваат околу коледарскиот оган, па тргнуваат во посета на повеќе кавадаречки домови. Се пеат вообичаените коледарски песни за домаќинот да им ја отвори вратата на својот дом, потоа се наздравува со ракија и мезе, и низ шега, разговор и со песна минува времето сè до утринските часови…

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top