Во дебатата „Дали новиот лик на Џемс Бонд може да биде црнец или хомосексуалец“, сега се вклучуваат и поранешните актери кои филмски го прославија јунакот од романите на Иан Флеминг.
-Секако, зошто да не- е реакцијата на Пирс Броснан околу тоа дали може да го замисли Бонд како хомосексуалец. Броснан го глумеше Бонд во 90-тите во филмовите „Златно око“, „Утре никогаш не умира“, „Светот не е доволен“ и „Умри друг ден“.
-Подобро да почнеме со прекрасен црн глумец кој би можел да го игра Бонд. Идрис Елба има харизма и физички одговара на улогата- додава Броснан.
Елба е главен фаворит за наследник на Даниел Крег кој последната деценија го играше славниот британски агент.
Претходно уште еден Бонд- славниот Роџер Мур, ја шокираше јавноста со коментарот дека расата треба да биде фактор во изборот на ликот за Бонд. „Иако него го глумеа Шкот, Велшанец и Ирец, мислам дека би требало да биде Англичанец“- го пренесе францускиот Пари Мач 87-годишниот Мур кој од 1973 до 1885 беше главниот Џемс Бонд. Мур сега вели дека е изваден од контекст.
-Кога новинар ќе ве праша дали Бонд треба да биде Англичанец и вие се сложите со тоа, за потоа да ве цитира како тоа да сте го рекле за Елба, тоа е вон контекст- вели Мур.
Идрис Елба е роден во Лондон од мајка од Гана а татко од Сиера Леоне. Според романот на Иан Флеминг, агентот е син на Шкот со Швајцарка кој растел вон Британија. Кога останал сирак на 11 години, херојот живеет со тетка му и се образувал во Единбург
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.