Домаќинот на силниот меѓународен ракометен турнир „Вардар 2015“ РК Вардар, во вториот натпревар во групата убедливо го совлада рускиот состав на Чеховски медведи со 40-32 и обезбедија пласман во финалето на турнирот кој ќе се игра в четврток.
Во финалето ќе се сретнат со победникот од дуелот меѓу Кристијанштад и Краснодар кој е на програмата утре.
Во првиот дел се играше рамноправен ракомет кој ниту една екипа не дојде до предност од два гола разлика. Двете екипи се менуваа во водството се до крајот на првиот дел кога се отиде на пауза со резутат 17-17.
Во второто полувреме „црвено-црните“ од самиот почеток покажаа дека се подобар противник дека повеќе го посакуваат финалето на „својот“ турнир и веднаш по само неколку минути игра дојдоа до високи четири гола разлика со головите на Дибиров и Тоскиќ.
Со сигурна игра во одбраната, вардарци успеаја да го скршат отпорот на Чеховски медведи и во последните десет минути од натпреварот да влезат со седум гола предност (32:25) . Вардарци до крајот на мечот ја контролираа играта и одржуваа предност и на крај славеа убедлива победа со 40:32 која им носи пласман во финалето на турнирот.
Дејан Манасков блескаше во вториот дел и беше најефикасен играч на теренот со седум погодоци, а добра партија на голот на Вардар имаше Градимир Чаневски со девет одбрани во второто полувреме.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.