| четврток, 6 декември 2018 |

Почна хеликоптерското снимање на поплавените реони во Тетовско

тетово

Претставници на Дирекцијата за заштита и спасување на Македонија заедно со странски експерти за цивилна заштита од Европската унија денеска го почнаа хеликоптерското снимање на реоните од тетовско што беа зафатени од невремето, поплавите и огромните наноси на кал, дрвја и камења пред две недели. Освен денешното снимање од воздух овие експертски тимови ќе ги посетат сите погодени места во следните 12 дена.

– Хеликоптерот е обезбеден од страна на МВР и денеска ќе направиме еден рутински лет на оние критични точки што се случувало точно на планинатата, особено на погодените места и реони. Според нашите досегашни проценки најголемиот проблем е што целиот шарпланински масив е активно свлечиште каде земјата се движи и има многу води особено подземни чие празнење предизвикува и одрони и свлечишта. Ќе се концентрираме особено околу населените места за тоа кои се препораките и што треба да се преземе да не се повтори ваквите случувања – изјави Ивица Наумовски од Дирекцијата за заштита и спасување.

Целта на сите активности е преку механизимите за цивилна заштита да се добијат сателитски снимки за конкретната состојба во регионот, но и поцелосен увид во состојбите на поширокиот терен врз основа на што ќе бидат дадени одредени препораки и насоки до македонските институции-Владата и локалната самоуправа како да се уреди овој простор за да се спречи повторување на поплавите со овој интензитет во следниот период.

– Ова попладне ќе вршиме проценка од воздух да видиме какви се штетите, каква е состојбата а во насока да обезбедиме препорки во извештајот. Тој извештај ќе биде готов до крајот на оваа недела, по што ќе го доставиме до Дирекцијата за заштита и спасување. Нашата работа завршува следната недела. Ќе ги согледаме условите на терен, организацијата на институциите, легислативата поврзана со вакви случувања, кој одговара и слично. Сето тоа ќе ни ја даде поширока слика што се случило и врз основа на тоа ќе произлезат нашите препораки за спречуување на вакви појави во иднина – изјави Рудолф де Кром од експертскиот тим на ЕУ.

По поплавите во тетовско, а во согласност со заклучокот на Владата беше решено да се активира механизмот за цивилна заштита на ЕУ што овозможува координација на целата помош што доаѓа од ЕУ во случај на природни непогоди и други несреќи. Експертите доаѓаат од Германија, Франција, Шпанија, Австрија, Унгарија и Словенија. Во најголем дел тие се експерти за геодезија и урбано планирање, а меѓу нив има експерти за санитарни јазли, обезбедување на вода за пиење, атмосферска и фекална канализација.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top