Двајца параглајдеристи од Финска и Германија во текот на вчерашниот ден се здобиле со тешки телесни повреди при летање со параглајдер, едниот во близина на Крушево, а другиот во близина на Скопје, по што се згрижени во Клиничкиот центар во Скопје.
Како што соопшти МВР, во првиот случај пријавен околу 14.30 часот, во буковата шума на местото Лимо Нивје, во близина на Мечкин Камен од страна на лицето А.С. од Финска, кој е инструктор за летање, било пронајдено лицето Н.Т.К. исто така од Финска, кој околу 10 часот полетал со параглајдер од полетиштето на местото Мечкин Камен, а било забележено дека го нема околу 11 часот. При падот лицето се здобило со повреди на ‘рбетниот столб и со хеликоптер на МВР е префрлено во Клинички центар-Скопје. Од страна на полициски службеник обезбедено е местото на несреќата, известен е надлежен јавен обвинител по што е извршен увид на самото место од страна на јавен обвинител и увидна екипа од НК за КР-Крушево.
Во вториот случај, како што стои во соопштението, околу 11.50 часот во с.Г.Нерези-Скопје, спортувајќи со параглајдер од падините на Водно, поточно од Крстот, на местото „Пресинец“ од осум до десет метри во воздух, Ф.Ш. државјанин на Германија, изгубил контрола и почнал брзо да паѓа. Ф.Ш. бил пренесен во Ургентен центар за укажување на лекарска помош, каде од страна на доктор му е констатирана тешка телесна повреда во пределот на ‘рбетот и е задржан на лекување во КАРИЛ.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.