| четврток, 6 декември 2018 |

Ангеловски: Нема да ја менуваме формулата што носи успех

Тренерот на ФК Работнички, Игор Ангеловски, на денешната прес-конференција во пресрет на утрешниот натпревар со Рубин Казан на арената „Филип Втори“ кој е бараж двомеч за групната фаза од Лига на Европа, истакна дека неговиот тим покажа дека може да се носи со најголемите екипи, и нема намера да менува нешто драстично во играта која досега донесе позитивен резултат.

– Немаме намера ништо да менуваме во играта бидејќи се покажа како одлична во досегашните настапи во Лига на Европа. Имаме победничка формула и немаме намера да остапиме од неа – изјави Ангеловски на воведот на пресот.

– Во Македонија некако малкумина се навикнати нашите клубови да дојдат до оваа фаза од европските натпреварувања. Но, Работнички успеа затоа што верува во себе, затоа што има квалитет и заедништво кое е пресудно за успех – додаде тренерот.

Во составот на романтичарите ќе недостасуваат, поради суспензии, Баже Илијоски, Душан Трајчевски и Иван Митров, о Ангеловски потенцира дека оние што ќе истрчаат на терен се подготвени да го дадат максимумот.

– Сосема е јасно дека тројцата кои ни недостасуваат во составот многу ни значат во тимот. Но, и јас и сите останати фудбалери веруваме дека можеме да дојдеме до позитивен резултат на првиот натпревар во Скопје. Оние што ќе истрчаат на терен се максимално подготвени уште еднаш да ја израдуваме нашата јавност. Добро го анализиравме составот на Рубин ,кој е секако фаворит во овој дуел, но ние посакуваме само да се концентрираме на нашата игра и уште еднаш да ги потврдиме претходните изданија во Европа – заврши Игор Ангеловски.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top