| четврток, 6 декември 2018 |

Нова силна експлозија во Тјанцин

Нова силна експлозија се случи утринава во близина на магацин во северното кинеско пристаниште Тјанцин, каде минатата недела во серија експлозии животот го загубија 114 лица, а 70 се исчезнати, јави кинеската државна телевизија.

Во соопштението се наведува дека по новата експлозија се кренал бел чад. Објавена е наредба за евакуација.

Во гаснењето на пожарот во индустриската зона Тјанцин учествуваат над 1.000 пожарникари и околу 1.500 војници.

Спасувачките екипи вчера пронајдоа уште десет тела на загинати во експлозиите, што се случија на 12 август. Меѓу исчезнатите се неколку десетина пожарникари.

Кинеското Министерство за заштита на животната средина објави дека на местото на несреќата се пронајдени цијанид и други опасни токсични хемикалии, пренесува ТАСС.

Според кинеското министерство нивото на цијанид е осум пати над дозволеното ниво во една од канализациските цевки во погодената област. Државната телевизија објави дека 698 лица се задржани во болница по експлозијата.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top