Продажбата на станови од почетокот на годинава бележи фантастичен раст од 30 отсто во однос на минатата година. Раздвижувањето на пазарот на недвижнини најмногу го предизвикаа младите двојки кои најчесто се одлучуваат новиот брачен живот да го започнат во нов стан, но тука некаде се и луѓето од внатрешноста, кои на купувањето стан во главниот град гледаат како на исплатлива инвестиција. Прогнозата на градежниците е дека побарувачката за станови и натаму ќе расте. Што се однесува до цената, таа најверојатно ќе остане на ова ниво. Надолна корекција на цената на метар квадратен не е можна, бидејќи според станодавците, таа сега е најниска. Пазарната логика, пак, говори дека доколку расте побарувачката за станбен и за деловен простор, цената може да оди само нагоре.
– Бележиме зголемена активност во однос на побарувачката и во однос на трансакциите во сите сектори на пазарот. Тоа е одличен показател и значи дека има голем број трансакции во однос на станови, односно дека продажбата се зголемила – смета генералниот директор на „Фортон“, Влатко Богоевски, појаснувајќи дека продажбата на станови е зголемена за 30,5 проценти за само шест месеци во однос на второто полугодие на 2014 година, што е огромна бројка. Според него, ова големо раздвижување на пазарот се должи на тоа што цените на становите се симнале на најниското ниво во последните десет години, а банките ги намалиле каматите на штедните влогови, така што парите се вложувале во недвижнини.
Третиот фактор, кој го спомнуваат и продавачите на станови, се ниските камати на станбените кредити и помалото учество што го бараат банките.
Богоевски вели дека продажбата на станови, главно, е придвижена од мотивот на купувачите да си го решат станбеното прашање, а на второ место е желбата парите што ги имаат да ги инвестираат во недвижен имот. Поточно, младите брачни парови ја зголемиле побарувачката на станови, но како купувачи на станови во Скопје во овој период се јавиле и луѓе од другите градови на државата.
– Има голем број купувачи од внатрешноста, но тие главно ги купуваат становите како инвестиција. Тие сакаат да имаат стан во Скопје на добра локација. Така, кај побарувачката, најмногу ги има оние што сакаат да си го решат станбеното прашање, па тие купуваат станови и на не толку атрактивни локации, додека оние што купуваат за инвестиција, обично купуваат на поатрактивни локации, како Водно и Дебар маало – вели Богоевски.
Дури 83 отсто од продадените станови во Скопје се со површина до 67 квадратни метри. Најпродавани се становите со големина од 54 до 59 квадрати, со две спални соби и тие се продаваат веднаш.
Станови се градат и се продаваат во Скопје, но и во другите градови во државава.
– Нашето акционерско друштво е задоволно од продажбата на становите што ги нудиме во општината Аеродром, населбата Лисиче, каде што 90 отсто од становите се продадени, остатокот од 10 отсто се станови со поголема квадратура и тоа над 80 метри квадратни по цена од 796 евра по метар квадратен. Сега почнавме и со продажба на становите што се наоѓаат во општината Аеродром, каде што за само еден оглас имаме продадено десет станови кои се со почетна цена од 850 евра по метар квадратен. Среде градба сме во општина Карпош и почетната цена по метар квадратен изнесува 999 евра. Поради големиот интерес се надевам дека за 15-ина дена ќе ги пуштиме во продажба – вели првиот човек на Акционерското друштво за изградба и стопанисување со станбен и деловен простор на РМ, Цветко Грозданов.
– Градиме и во други градови во внатрешноста на републиката, така што веќе сме задоволни од продажбата во општина Охрид, Струмица, Битола, Прилеп. Со ова би сакал да укажам дека трендот на продажбата на станови и понатаму расте. Имаше мал период на криза кога се намали продажбата, а тоа беше кумановската криза, за да состојбата се нормализира по месец-два. Цената на нашите станови во Скопје останува иста од причина што сметаме дека е реална пазарна цена и се движи од 795 евра по метар квадратен во Аеродром (Лисиче), 1.100 евра во Центар, 999 евра во Карпош. Има намалување на цените за 100 евра по метар квадратен во Охрид и цената изнесува 599 евра и во Струмица, каде што цената изнесува 499 евра по метар квадратен – нагласува Грозданов.
Според него, интересот за купување станови не спласнува, туку напротив, расте.
– Ние како компанија, пред да инвестираме правиме истражување на пазарот, но и финансиски инвестираме, градиме и продаваме. Во врска со цените, сметам дека нашата компанија им е пример на многу други градежни компании кога ја формираат цената, а тоа се гледа по намалувањето на продажните цени по метар квадратен. Сметам дека клучниот елемент во продажбата е прво анализа на пазарот, потоа сигурноста на компанијата, цената на чинење по метар квадратен, а квалитетот намерно го оставив последен, бидејќи со законските регулативи што ги воведе Владата, становите мора да бидат со висок квалитет и со енергетска ефикасност – прецизира директорот на Акционерското друштво за изградба и стопанисување со станбен и деловен простор, Цветко Грозданов.
И од „Адора инженеринг“ се задоволни од растот на продажбата на становите.
– Во 2105 година продажбата на станови во „Адора инженеринг“ бележи зголемување во однос на минатата година, што е особено изразено во месеците јуни и јули, кога во компанијата се продадени 64 станови, што е своевиден рекорд. Потврда за големиот интерес за купување нов дом во оваа докажана градежна трговска марка е остварената продажба на 166 квалитетни станови во Скопје и во Охрид од почетокот на годинава до крајот на јули, кога се продадени вкупно 9.302 метри квадратни станбен простор. Граѓаните се позаинтересирани за купување модерен стан во централното подрачје на Скопје, во новиот атрактивен станбено-деловен комплекс „Адора Флетајрон Скопје“, кој започнавме да го градиме на почетокот на општина Кисела Вода, на само еден километар оддалеченост и десет минути пеш од строгиот центар на метрополата, за становите во комплексот со нови објекти што ги градиме во општина Аеродром, во близина на меѓународната железничка и автобуска станица, на само десет минути пеш од централниот плоштад во Скопје, како и за енергетски ефикасните станови во објектот Билјанини извори, близу градските плажи и центарот на Охрид – вели проф. д-р Ванчо Чифлиганец, генерален директор на градежната компанија „Адора инженеринг“.
Според него, цените на становите во „Адора инженеринг“ се на истото ниво како и минатата година и покрај зголемените цени на градежните материјали, услугите, трошоците за квалитетна градба и порастот на курсот на американскиот долар.
– На продажбата на становите влијаат повеќе фактори, од кои клучна улога имаат атрактивноста на локацијата, квалитетот на становите, нивната асеизмичка стабилност, што единствено ние ја докажуваме со вештачки земјотрес, енергетската ефикасност, за што имаме сертификати од високата А-класа, како гаранција за долгорочно намалени трошоци за енергија за греење и ладење, како и функционалноста на домовите, уредената и топла околина, на што многу внимаваме. Очекуваме на пазарот на недвижен имот продажбата на становите и на деловните простории и натаму да расте, зашто граѓаните знаат дека купувањето недвижност е најсигурна инвестиција и најцврста валута во секое време, со трајна вредност за повеќе генерации – додава Чифлиганец.
Понудата во Скопје сега се состои од 3.534 станови. Повеќе од 2.000 лица од внатрешноста годишно стануваат скопјани.
Пишува: Александрија Стевковска
(Текст објавен во 153. број на неделникот „Република“, 7.08.2015)
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Поврзани вести
-
Цените на становите нема да се зголемат, ама нема ни да се намалат
-
Сугарески: Следниот месец оглас за распределба на 79 социјални станови
-
Македонците навалија во Пирин: Станови во Банско се купуваат за 10.000 евра!
-
Додека цената на становите во земјава паѓа, цената на становите во Центар во Скопје бележи пораст