Градежната комора при Сојузот на стопански комори (ССК) е задоволна што владата одлучи да ја продолжи до 2023 годин примената на повластената стапка на ДДВ од пет отсто за првата продажба на становите.
Тоа, како што беше речено на денешната прес-конференција од страна на градежниците, ќе влијае на инвестирањето во секторот, но нема да влијае на цената на становите.
– Со владината одлука за продолжување на мерката дополнително ќе се стабилизира секторот високоградба, ќе продолжат сите стопирани инвестиции, но и ќе почнат нови. Од ова, освен градежните фирми, бенефит ќе имаат и купувачите на станови, како и дополнителните преку 20 гранки поврзани со градежништвото – изјави претседателот на Градежната комора на ССК, Ивица Јаќимовски.
Јаќимовски апелираше да продолжи реализацијата на капиталните инфраструктурни инвестиции, со што според него, ќе се подобри неповолната состојба во нискоградба.
-За целосна реализација на предвидените проекти во градежништвото, ниско и високоградба, неопходно, да се почитуваат динамичките планови – рече тој.
Во врска со изградбата на станови, Јаќимовски рече дека се потребни нови урбанистички планови за планско градење и подобар животен стандард.
Цените на становите се движат од 1.000 до 1.300 евра за метар квадратен во централните градски подрачја и од 650 до 900 евра на перифериите.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.