Покрај неславниот биланс на жртви по патиштата, жешкото лето во Франција покоси многу животи и во водите, јави дописникот на МИА од Париз.
Според податоците на Институтот за санитарна заштита, летово се регистрирани 261 давења во водите во Франција.
Најчести жртви на овие несреќни случаи се млади под 20 години и постари лица на возраст од над 65 години.
Според испитувањето насловено „Давења 2015“, меѓу 1 јуни и 9 август годинава при капење се регистрирани 761 несреќни случаи, од кои 261 завршиле со смрт. Во истиот период во 2012 година беа регистрирани 242 смртни случаи. Вакво испитување се прави на секои три години.
Од испитувањето се гледа дека смртните случаи кај децата и младите се зголемени за речиси два пати, од 39 во 2012 на 60 годинава, додека кај лицата од над 65 години се регистрирани 94 смртни случаи, од кои 45 во море и 26 во приватни базени, наспроти 63 за истиот период во 2012 година.
Најчесто смртните случаи настанале на „дивите“ плажи, покрај реките и езерцата, но и во приватните базени.
Напредокот кој беше постигант во заштитата на малите деца од давење во приватните базени, очигледно дека е загубен ова лето, бидејќи животите во приватни базени годинава до 9 август ги загубиле 11 деца, наспроти три во 2012. Истовремено пет мали деца се удавиле во малите езерца, кои беа исто така смртоносни за 17 млади на возраст од шест до 19 години.
Сепак најпосани места за капење се морските брегови до 300 метри оддалеченост од плажата, каде се забележани дури 33 отсто од смртните случаи, односно 85, наспроти 67 во реките (26 проценти), 56 во базените (21 отсто) и 46 или 18 поценти во малите езерца.
Според властите, најчесто во морето животот го губат лица кои се пливаат сами. Пливањето без придружба е најризично, посебно поради високите температури кои надминуваат 30 степени на воздухот и 28 на водата, што предизвикува слабост кај луѓето.
Експертите предупредуваат дека голем број на овие несреќни случаи можеле да бидат избегнати со соодветно и поодговорно однесување на жртвите. Посебно кај лицата на 65 години, кои треба да водат сметка за нивната физичка форма, да не остануваат подолго време на сонце и да не пијат алкохол за време и пред капањето.
Младите треба да избегнуваат капење во води, кои не се обезбедени со спасувач, додека на родителите им се препорачува да ги следат будно своите деца кога се во водата.
Но, и покрај сите напори бројот на жртвите на водите крај плажите постојано се движи околу 500 годишно. Во 2012 година биле 497.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.