| четврток, 6 декември 2018 |

Велика Британија го обвини Еквадор за попречување на правдата со давањето засолниште за Асанж

асанз
Официјален Лондон денеска ја обвини Владата на Еквадор за попречување на правдата со давањето засолниште, а подоцна и политички азил на основачот на Викиликс, Џулијан Асанж, кој живее во зградата на еквадорската амбасада во Лондон, уште од јуни 2012 година.

Со своето бегство од станот што судски му беше доделен, додека траеше постапката околу барањето за екстрадиција во Шведска, во амбасадата на Еквадор во Лондон, Асанж ја одбегна есктрадицијата, што ја одреди Врховниот суд на Велика Британија.
Одлуката на највискиот британски суд, беше донесена врз основа на европската потерница, распишана од шведските правосудни власти, затоа што две Швеѓанки формално го обвинија Австралијанецот за насилен секс и за силување.
Британскиот Форин Офис соопшти дека му е наложено на амбасадорот на Велика Британија во Кито, да вложи формален протест кај еквадорската Влада, за попречување на правдата во случајот со Асанж.
-Станува збор за апсолутно неприфатливо решение на Владата на Еквадор, изјави висок претставник на Форин Офисот во Лондон, кој давањето засолниште на Асанж го оцени како „злоупотреба на дипломатските односи“.
Според британското Министерство за надворешни работи, Владата во Лондон и натаму ја има правната обврска да го екстрадира Асанж во Шведска, за многу потешко дело, затоа што и натаму е осомничен за силување.
Реакцијата на официјален Лондон и обвинувањата упатени до властите во Кито доаѓаат веднаш по соопштението на шведското обвинителство дека ја запираат постапката против Асанж околу осомниченоста за насилен секс, со едната од двете Швеѓанки, затоа што делото застарело.
Шведските власти предвидуваат дека за еден осомничен да биде формално обвинет тој прво треба да биде сослушан, а во изминатите пет години, колку што е рокот за тоа во Шведска, Џулијан Асанж не беше сослушан ,затоа што се крие во еквадорската амбасада.
 Британските власти побараа од Еквадор да ја заврши сегашната ситуација со бегалецот во нивните дипломатски простории, затоа што, како што се вели во изјавата на Форин Офисот, сето тоа му „нанесува штета на угледот„ на Еквадор.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top