Летните одмори се во тек и многу често се случува воспалување на надворешното уво. Дали само капењето во нечиста вода е причина за воспалението?
АЛЕКСАНДРОВА: Во лето, најчесто е воспалението на надворешниот слушен канал, а во зимскиот период воспалението на средното уво. Тоа е под влијание на временските услови и околната атмосфера. Во увото има жлезди кои лачат ушна маст, позната уште како церумен. Таа ушна маст е нормална во увото, за да го подмачкува ушниот канал. Ако се лачи нормално, со џвакање и со голтање, се истиснува надвор и нема проблем. Меѓутоа, има пациенти каде што таа маст се лачи во поголеми количини. Тој церумен постепено го затвора речиси целиот ушен канал. Луѓето почнуваат сѐ помалку да слушаат, но не му придаваат големо значење на тој факт. Но, по извесно време, кога ќе влезат во вода, церуменот набабрува и целосно го затвора ушниот канал. Во таа ситуација пациентот престанува да слуша. Со едно миење на ушите може да се среди ситуацијата, но пациентот прво посегнува по чепкалките за уши, што е сосема погрешно.
Зошто лекарите препорачуваат да се избегнува чистење на увото со стапчиња кои можат да се купат во секоја аптека? Како е најдобро да се исчистат ушите?
АЛЕКСАНДРОВА: Чепкалките си ја имаат својата функција ако се користат рационално и разумно, онолку колку што треба, не секојдневно. Јас не сум од оние лекари кои радикално забрануваат употреба на чепкалки за уши. Ако се користат секојдневно, отстранувајќи го заштитниот слој на надворешниот слушен канал, од церуменот се прават ситни рагадички и тука многу лесно се вгнездува бактериска инфекција и така почнува да се развива процесот. Што е воспаление на надворешниот слушен канал? Инфекцијата на ушниот канал е најчесто од бактериска природа. Најчесто тоа се стрептококните бактерии, но не се исклучени и габичните инфекции кои се јавуваат заради подолгиот престој во вода. Ова лето, правејќи брисови, забележав една бактерија која може да биде многу опасна – псевдомонас аеругиноза. Присуството на таа бактерија може да го однесе пациентот и до операција. Затоа е добро да се посети лекар, да се измие увото, да се земе брис и благовремено да се среди воспалението на увото. Ако измивањето на увото се направи нестручно, тогаш може да дојде и до оштетување на ушното тапанче и да се направи уште поголема штета.
Се верува дека по болката во забот, болката во увото е најсилната болка кај човекот. Како најдобро и најбезбедно се лекува воспалението на уво кај децата и која е причината поради која се јавува?
АЛЕКСАНДРОВА: Најдобро е при појава на првите симптоми да се посети лекар за уво, нос и грло. Во таа почетна фаза, каналот не е многу отечен и правејќи лаважа може да ги елиминираме и да ги извадиме бактериите. Ако дозволиме тие да се развиваат неколку дена, почнува голем оток на каналот. Кога увото убаво ќе се измие и кога ќе се стават гази натопени во соодветни лекови – анестетици, антибиотици, аналгетици, болката постепено се намалува. Опасно е ако имаме габична инфекција во увото, затоа што тие инфекции многу често го оштетуваат слушното тапанче.
Во лето актуелни се и базените. Дали се тие причина за појава на воспаление на увото?
АЛЕКСАНДРОВА: Базените се најголемиот извор на зараза и причина за појава на воспаление на надворешниот слушен канал. Особена опасност од инфекции носат малите дворски базенчиња кои се радост за децата, но истовремено и извор на бактерии, ако водата во нив не се менува секојдневно. Ниту морската, ниту езерската вода како и водата во големите базени не може да биде толку штетна за увото, како што може да биде водата од малите базени во дворовите. Затоа, превентивно, водата мора секој ден да се менува. Ако веќе се бањате во базенот, не нуркајте и не топете ги ушите.
Кои фактори влијаат на воспаление на синусите?
АЛЕКСАНДРОВА: Синуситот е болест која повеќе се јавува во зимскиот период. Но, сѐ повеќе и во летниот период настануваат воспалителни проблеми на синусите. Луѓето сѐ подолго време престојуваат на море, долго нуркаат, на еден начин ги „плакнат“ синусите, но ние не знаеме колку е чиста таа вода. Многу поагресивна е симптоматологијата на синуситот појавен во лето, отколку во зима. Првиот симптом е главоболката, која се појавува во утринските часови. Кога има воспаление на максиларните синуси исто така има главоболка, но во помала мера. Тука симптоматологијата е поспецифична – почнува со затнување на носот, потоа дишењето е малку отежнато, но не обрнуваме внимание. По два-три дена почнува да тече носот. Секретот кој истекува станува жолтозелен, што значи дека има голема количина на бактерии. Тие влегуваат во синусот, носот не може убаво да се испразни. Затоа постојат соодветни третмани кои помагаат да се намали болката, да се издренира носот, да се одзатне, да се дадат соодветни лекарства.
Дали синусите се лекуваат и болката може засекогаш да исчезне?
АЛЕКСАНДРОВА: Сѐ зависи во која фаза почнала да се лекува болеста. Ако почне да се лекува во почетните стадиуми, доаѓа до целосно лекување. Но, ако синуситот хронифицира, ако во синусите постојано има некоја инфекција која тлее, која направила цистична формација, тогаш лекувањето и главоболките остануваат, повремено се зголемуваат, па се намалуваат, меѓутоа, за среќа во денешни услови има современ третман на синуситот.
Кои се најчестите предизвикувачи на воспаленија кај крајниците?
АЛЕКСАНДРОВА: Крајниците, како лимфатично ткиво, на некој начин не се само причинители за болест, туку се и причина за заштита на организмот. Тие се лимфоидни органи кои во почетокот ги штитат децата од инфекции, но сѐ до оној момент додека не настане патологија. Затоа сме внимателни кај деца со лимфатична дијатеза и кај деца кои се во нормален раст и развој. Кога во ординацијата ќе дојде дете со специфичен изглед на лицето, со постојано затнат нос, особено навечер и ако детето спие со отворена уста, ’рчи и немирно спие обидувајќи се да најде позиција во која крајникот најмалку ќе му го отежнува дишењето, дијагнозата е веќе поставена, а ќе се потврди и со уште еден апарат, таканаречен тимпанометар, кој пак ќе ни даде сознание за тоа дали третиот крајник е причина за намалување на слухот кај детето. Тубата е компромитирана, таа не си ја одржува својата функција на вентилација. Кога се затнува, кога крајникот е многу голем и кога тубата е затната, тапанчето постепено се вовлекува и се собира густ секрет во средното уво кој не дозволува да се движат коскичките и детето почнува помалку да слуша. Обично се трудиме да не бидеме радикални, туку да сме конзервативни во третманот на крајниците.
Што значи терминот „трет крајник“ и дали неговото отстранување ќе значи и решавање на сите маки во врска со крајниците?
АЛЕКСАНДРОВА: Третиот крајник, бидејќи се наоѓа во задниот дел на назофаринксот и бидејќи е лимфно ткиво, кај децата многу брзо се зголемува. Оперативното решавање на проблемот со третиот крајник е радикално решение. Но, заради заштитната функција на крајниците, ние секогаш се стремиме прво кон конзервативно решавање, а потоа кога ќе ги исцрпиме сите можности, во интерес на правилниот развој на детскиот организам пристапуваме кон отстранување. За жал, понекогаш, особено кај децата со лимфатична дијатеза, се случува повторна регенерација на тонзиларното ткиво, така што се налага операција на третиот крајник и по вторпат. Другите крајници се оперираат ако има чести инфекции, ако се многу големи и го отежнуваат голтањето и исхраната кај децата, како и во ситуации кога честопати предизвикуваат гнојни ангини и воопшто, претставуваат пречка во развојот на децата.
Целото интервју може да го погледнете на следниот линк.
Разговараше: Александра М. Бундалевска
Фото: Александар Ивановски
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.