| четврток, 6 декември 2018 |

Македонските театри до крајот на 2015 на значајни гостувања во странство

Во втората половина од годинава, со поддршка од Министерството за култура, ќе се реализираат неколку значајни гостувања на македонските театри во странство.

teatri

Од Министерството соопштија дека идниот месец Македонскиот народен театар ќе гостува во Националниот театар во Баку, Азербејџан, со театарската претстава „Кој се плаши од Вирџинија Вулф“ од Едвард Олби, а во режија на Синиша Евтимов. Ова гостување ќе се реализира по повод одбележувањето на 20-годишнината од воспоставувањето на дипломатските односи меѓу Република Македонија и Азербејџан, а ќе придонесе за промовирање и афирмирање на најновата македонска театарска продукција во Азербејџан, за зацврстување на културната соработка меѓу двете земји и за соработка на копродукциски проекти меѓу двете национални театарски институции во иднина.

teat

Со поддршка од Министерството за култура, кон крајот на идниот месец Народниот театар од Битола, со претставата „Среќен крај“, ќе учествува на фестивалот АККО, кој ќе се одржи во израелскиот град Акре. Фестивалот за алтернативен театар АККО е основан во 1980 година и вклучува натпревар за оригиналната игра која премиерно се изведува за време на фестивалот, на кој учествуваат локални и странски театарски продукции, улични театри итн.

Идејата за соработка и гостување на Битолскиот театар во Израел почна да се реализира уште во 2014 година, за време на одржувањето на Фестивалот на монодрама во Битола, кога авторот на текстот „Среќен крај“, Идо Нетанјаху, ја проследи претставата „Без паника“ во изведба на Народниот тетар од Битола и изрази желба за соработка. Неколкумесечната комуникација меѓу театарот и авторот резултираше со соработка, и тоа на претставата „Среќен крај“, текст кој обработува една семејна драма во 30-тите години во Берлин. Изведбата на претставата „Среќен крај“ во Израел, несомнено, ќе биде чекор кон запознавање, но и идна соработка меѓу нашите две земји.

teea

Со поддршка од Министерството за култура, идниот месец НУ „Театар Комедија“ ќе ја изведе претставата „Многу врева за ништо“ во режија на Дејан Пројковски на „Фиат-фестивалот“ во Подгорица, Црна Гора. Претставата „Многу врева за ништо“ од Вилијам Шекспир, а во режија на Дејан Пројковски претставува ново сценско читање на светската класика и алтернативен поглед во создавањето на сценскиот јазик.

 

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top