31-годишниот скопјанец го сменил своето име во Суфијан и заминал на џихад во Сирија. Според информациите, мотивот на Стефан да војува на страната на џихадистите не бил финансиски, бидејќи бил доволно ситуиран. Неговата улога била да регрутира луѓе за да ѝ се придружат на Исламската држава. Стефановски ја напуштил Македонија лани во август и преку Турција заминал за Сирија, а во земјава се вратил во март годинава. Стефановски претходно во полиција бил пријавуван за две поситни кражби.
Во акцијата е уапсен и имамот Реџеп Мемиши, кој бил идеолог и лидер на приведената група во „Ќелија“.
Тој студирал исламски студии во Саудиска Арабија, но бил избркан поради идеите да се урне саудиската кралска династија. Се вратил во Скопје и почнал да проповеда поинаков ислам од традиционалниот и се спротивставувал на Исламската верска заедница, а во заложништво ги држел џамиите Тутунсуз и Јаја-пашина.
Од вкупно 36 осомничени, приведени се девет, а за 20-ина се претпоставува дека се на боиштата на Блискиот Исток, а седуммина се во бегство или некаде во соседството.
Од осомничените, 29 се со албанско етничко потекло, пет со турско, еден е Македонец муслиман и
Стефановски, кој имал македонско етничко потекло.
Најголем дел биле женети и имале деца и претходно или немале досиеја во МВР или биле пријавувани за поситни кривични дела. Според досегашната истрага дел од пријавените верувале во идејата на Исламската држава и затоа самите барале начин да и се придружат на оваа терористичка организација.
Дел биле врбувани и убедувани да заминат на џихад, а дел биле водени од парите. При вчерашните претреси биле најдени и 10-ина потврди за трансфер на пари.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.