| четврток, 6 декември 2018 |

Мудрата стратегија клуч на успехот за Работнички (видео)

Igor-Angelovski-sport153-3

Работнички е летен европски хит и игра машки фудбал, без компромис и страв од поскапите и поквалитетни екипи и апсолутно заслужено ќе игра во последната филтер рунда, или попознатиот плејоф за настап во Европа Лигата на УЕФА.

Клуч на успехот на романтичарите е одличната стратегија на клубот и во работата со младинските категории и со враќањето на искусните играчи.

Работнички убедливо најмногу продава играчи на европскиот пазар од сите наши клубови и тоа за суми кои се сосема солидни за македонски услови.

Столе Димитриевски во Удинезе, потоа Ѓоко Зајков во Рен, Дамјан Шишковски во Гент и уште неколкумина талентирани момчиња заминаа во солидно европски клубови, а романтичарите веќе најавуваат дека во својата фудбалска фабрика за таленти имаат уште неколку бисери.

„Во моментов Елиф Елмаз кој нема полни 16 години веќе година и пол е следен од холандски клубови, тука се и Милан Ристовски, помалиот брат на репрезентативецот Стефан Ристовски, сериозно сметаме на Емир Сахити, кој е огромен потенцијал и да не набројувам уште дополнително. Горди сме што и со резултатите и успесите го потврдуваме исправниот пат на инвестирање во талентирани играчи. Впрочем и на дуелот со Трабзонспор во Скопје имаше доста менаџери на трибините и комплименти и интерес од нив за дел од нашите играчи. Беа изненадени од добрата претстава на Работнички. Нема да споменувам имиња, само ќе кажам дека имаше скаути на клубови од топ-5 најсилните екипи во Европа. Добро е што со победи и добри игри Работнички се повеќе го врти вниманието на големите клубови на стариот континент“ вели тим-менаџерот Игор Ангеловски во интервјуто за „Република“ кое можете да го прочитате во најновиот број на неделникот.

И тим-менаџерот е млад има само 39 години, но со мудрата тактика допринесе Работнички да ги елиминира и Флора и Јелгава и да го нокаутира големиот и скап Трабзонспор.

Igor-Angelovski-sport153-4

Полн погодок за Работнички се покажа и стратегијата со која се отворија портите за враќање на искусните. Милан Илиевски е еден од најдобрите бекови во Македонија, човек што има топ во нозете и што со дијагоналата ала-Бекам беше заслужен за голот на Кире Маркоски и за е,лиминацијата на Трабзонспор. Не беше добар за Вардар, кој го отпушти без отштета, но е одличен и блеска во дресот на Работнички.

Слична е и приказната со Мите Цикарски, а посебно поглавје има за капитенот Баже Илијоски. Романтичар кој секогаш се враќа во Работнички и дава максимум за својот клуб. Многумина се прашуваат од каде е голманот Даниел Божновски. Човек кој стави ролетни на голот на дебармаалци во реваншот со Трабзонспор. Голман кој како мачка го одбрани ударот на М`Биа од петерецот, а беше енигма и за фудбалер од калибарот на Оскар Кардозо и останатите играчи на Трабзонспор. Одличен фудбалски штоф има кај популарниот Штеф Вујчиќ. Ја паметиме неговата прекрасна асистенција за скопскиот гол на Работнички против Трабзонспор, кој го даде Баже Илијоски. Тука се и упорните „работници“ на теренот Трајчевски, Петровиќ, Силјановски, екстраталентираното крило Сахити и уште дузина вредни и скромни момци кои ја израдуваа Македонија со пласманот во плејофот. Работнички игра фудбал и Работнички одлично го бели образот на нашиот фудбал на европска почва.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top