| четврток, 6 декември 2018 |

Само нелуѓе ја презираат хуманоста

nenad mircevski2

Ненад Мирчевски

Катастрофалните поплави во Тетовско покажаа дека непочитувањето на природата и потценувањето на нејзината моќ за миг може да ни се удри од глава. Во исто време, по којзнае кој пат, се потврди дека не постои настан (позитивен или негативен) што би ја натерал опозицијата да ги стави интересите на граѓаните пред партиските.

Додека траеше укажувањето помош на настраданите, опозициските медиумски полтрони се фатија да го критикуваат присуството на Груевски во поплавените подрачја. Од друга страна пак, во нивните текстови немаше ниту збор критика за непојавувањето на Заев (нивниот гуру и алтернатива за местото премиер) на истото место. Дали гестот на Заев е почовечки и политички поодговорен од тој на премиерот? Можеби лидерот на опозицијата „под грижа за граѓаните“ подразбира само сликање „селфи“ и кревање два прста во заднина на албанско знаме? Дали неговата намера за уривање на оваа власт подразбира и наметнување на принципите кои сега свесно или несвесно ги промовира на јавноста?

Лицемерието на СДСМ оди дотаму што додека нивната делегација од местото на несреќата порачува дека не е време за критика, медиумите под нивната контрола го „плукаат“ буквално секој потег на власта со кој се обезбедува помош за настраданите, без разлика дали е издржана или не. Зошто Заев овој пат избегна личен контакт со загрозеното албанско население, како во случајот со Диво Насеље, знае само тој, но неговите погрешни политички одлуки не се причина да се дискредитира помошта што Владата им ја дава на оние на кои во моментот им е најпотребна. Уште потрагично е што обвинувањата се тресат од ракав без никаква морална одговорност. Додека отстрана сеирџиски се набљудува расчистувањето на последиците од катастрофата, никој од „експертите“ на опозицијата не направи некаква анализа во која ќе укаже до која мера е виновна централната власт, а колку од вината оди на сметка на локалната власт. На прво место треба да се види зошто со години не е проширено коритото на реката Пена, проект кој е предвиден уште пред триесет и пет години. Во утврдувањето на причините за катастрофата не смее да се занемари ниту вината на локалното население кое носи голем дел од одговорноста, пред сѐ поради неконтролираното пустошење на шумата, неодговорното одржување на каналите кои се нефункционални и претворени во депонии, како и поради непланското градење куќи.

Наместо издржани забелешки, но и решенија корисни за граѓаните, опозициските експерти сѐ почнуваат и сѐ завршуваат со обвинувања упатени кон премиерот во кои тој е виновен за сѐ, и дека сѐ ќе се реши со неговата оставка. Демек ако си замине Груевски, веќе нема да ни се случи ниту поплава ниту земјотрес, ниту пак каква било друга природна непогода. Веројатно народот треба да поверува дека лидерот на опозицијата, како човек пратен од Господ, во иднина сам ќе ги спречува природните катастрофи. Има ли некој свесен во врвот на партијата да каже дека ваквите несериозни настапи повеќе му наштетуваат на имиџот на СДСМ отколку на премиерот? И на крајот, само потсетување до сите оние што цинично ја девалвираат помошта на власта кон загрозените семејства, тврдејќи дека не била искрена: додека „оние што ги мразат“ Албанците веднаш се упатија на терен да му помогнат на албанското население, „оние што ги сакаат и ги хранат со национализам“, вклучувајќи ги Заев и „браќата“ од Косово и Албанија не мрднаа со мал прст, а камоли да организираат каква било помош.

Ставовите искажани во рубриката Колумни се лични ставови на авторите и не се автоматски и ставови на редакцијата на Republika.mk. Редакцијата на Republika.mk се оградува од ставовите во објавените колумни, а одговорноста за изнесеното во нив е исклучиво на авторот.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top