| четврток, 6 декември 2018 |

Прекршочни за бучава за три угостителски објекти во Охрид

Три угостителски објекти во Охрид ќе добијат прекршочни пријави поради прекумерна бучава, соопшти Министерството за внатрешни работи.

Акциските контроли и мерења реализирани во содејство со Инспекторатот за животна средина и комуналната инспекција кај овие угостителски објекти покажале надминување на дозволена бучава и нарушување на јавниот ред и мир со користење музички инструменти и други технички уреди.

Контролите, вкупно седум, се реализирани на иницијатива на СВР Охрид, но и по пријави на граѓани.

– Согласно Законот за прекршоци, оној што го нарушува мирот на други со пеење, користење музички инструменти, радио и телевизиски апарати и други технички уреди, како и со механички извори на врева (мотор и слично) од 15 до 18 часот и по 23 часот до 06 часот наутро, полицијата ќе го спречи и ќе му се изрече глоба од 200 до 500 евра во денарска противвредност. За прекршокот, на правно лице ќе му се изрече глоба од 500 до 1.000 евра, а на одговорното лице во правното лице од 200 до 500 евра. Глоба во износ од  500 до  800 евра во денарска противвредност ќе му се изрече на трговец-поединец кој врши угостителска дејност ако не преземе мерки за да не дојде до извршување на прекршокот во неговиот угостителски објект, информира МВР.

Соодветни пријави против правните и одговорните лица се поднесени и од надлежните инспекциски служби од локалната самоуправа.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top