| четврток, 6 декември 2018 |

Се подготвува електронски попис според највисоки стандарди

popis-Имаме намера да спроведеме попис на населението во Македонија. Ги правиме сите напори да спроведеме попис според највисоки меѓународни стандарди, попис што нема да влее сомнеж кај никого, кај ниту една етничка заедница, кај ниту еден граѓанин, индивидуалец, политичка партија или кој било друг субјект, рече премиерот Никола Груевски одговарајќи на собраниска седница на прашање на пратеничката Роза Топузова – Каревска.

Според Груевски, подготовките за спроведување на пописот се одвивале во два правца – електронско поврзување на матичните евиденции за во најголем дел пописот да биде електронски и во таа насока веќе имало резултати и за теренски активности, кои според него, треба да покријат 30 отсто од пописот.

– Очекуваме до крајот на оваа година да пристигне целокупната потребна опрема за поврзување на сите што постојат матични евиденции во Македонија и со тоа нашите процени се дека околу 70 проценти од прашањата за пописот би биле електронски одговорени, односно нема да треба да бидат поставувани прашања до граѓаните туку софтверски, компјутерски со електронско поврзување на матичните евиденции ќе се соберат сите потребни одговори – рече Груевски.

За делот кој треба да биде теренски направен, додаде Груевски, исто така, се прават одредени подготовки.

– Клучната работа во овој дел е да се изврши набавка на т.н. „fingerprint“ или електронска проверка на биометриските податоци на тој што треба да се попише за да се потврди дека тој е во земјата и дека тој е тој кој го дава одговорот на прашањето. Без такво нешто секогаш би имало сомнежи дали навистина човекот што требало да одговори одговорил, дали одговорил некој друг итн. – рече Груевски.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top