| четврток, 6 декември 2018 |

Исповед на еден џихадист: Тоа не се муслимани, тоа не е религија

Jihad-Child

Ова е сторија за едно патување во пеколот на Исламска држава. Еден непоправан и невообичаено детален расказ на поранешен џихадист, кој се покајал и се вратил во Франција од Сирија.

Во текот на шест месеци, Али – тоа не е неговото вистинско име – работел во Рака, престолнината на самопрогласениот Исламски калифат, како полицаец во исламистичкиот полициски корпус. Како што им раскажал на француските истражни органи, кои го испрашувале во притвор уште од март, тој мислел дека во Рака ќе живее во хармонија со упатствата и правилата на исламот. А место тоа, тој открил само насилство и варварство.

– Тоа не се муслимани. Еден муслиман не може да изврши такви злосторства – раскажува Али, кој добровоолно се предал при враќањето во Франција.

Слично на многу млади Французи во негова ситуација, Али бил привлечен од идеите на радикалниот ислам додека бил во затвор во париското предградие Флури-Мерогис, каде што одлежувал казна за ситен криминал. Неговото пријателство со група затвореници следбеници на Муслиманското братство имало катастрофално влијание врз него.

Штом излегол од затвор, Али одлетал за Египет, а потоа за Тунис, каде што повторно стасал во затвор поради наркотици. Зад решетки, тој повторно потпаднал под влијание на лоши пријатели.

– Во тоа време се дружев само со алавити – се сеќава тој.

Кога се вратил во Париз, се пријавил во Центарот за социјални интеграции, но набрзо изгубил надеж и кај него се родило чувството дека Франција веќе не е место за живеење за него.

Во септември 2014 година, Али заминал за Сирија. Прво летал за Истанбул, потоа се качил на авион за Газиантеп. На крај со такси отишол до границата на Турција со Сирија.

– Ништо полесно од тоа. Таму се поврзав со брадестите од ИД. Ме прифатија и ме одведоа до другата страна на границата – се сеќава Али.

Кога на крај стигнал во Рака, Французинот, кој тогаш имал 30 години, бил подложен на целосна процедура за примање.

– Ми го зедоа пасошот, потоа два дена ме испрашуваа. На крај заклучија дека сум чист – раскажува Али.

Следувале денови на интензивно всадување на доктрината на ИД. Тоа се случувало во место кое Али го опиша како слично на џихадистички скаутски камп – колонија со околу 200 новодојденци, кои дошле од целиот свет, од Белгија до островот Маврициус, преку Швајцарија и Турција.

– Секој ден се будевме со звуците на истрели од автомати „калашнков“ – раскажува Али. Прво за појадок добивале ѓевреци, потоа доаѓал ред на обуките – фудбал, стречинг, пливање во водите на реката Еуфрат. Следувало перење на мозоци со курсот за всадување на политичката и религиозната доктриина на ИД.

Во десет часот навечер, по последната молитва, сите новодојдени легнувале во очекување на нов ден и на ново будење со истрели од „калашников“. Тоа траело девет дена, до полагањето на заклетва за верност.

– Виш емир од ИД дојде и ни кажа дека треба да положиме заклетва. Тоа го сторивме заедно. Требаше да повторуваме по него ритуални зборови со кој се колневме дека ќе бидеме верни на единственот вистински калиф на муслиманите, на кого требаше да му се потчинуваме и кого требаше да го слушаме – се сеќава Али.

По крајот на таа церемонија во присуство на тој „свет човек“ од ИД, Али и неговите соборци десетиот ден биле префрлени во блискиот камп за воена обука. Таму заедно со други кандидати за џихадисти Али научил да пука со „калашников“, со пиштоли и со ракетни фрлачи. Обичните борци биле одделени од оние за кои се сметало дека се готови за мачеништво.

– Тој ден издвоија десетина кои беа подготвени за мачеништво – вели Али, кој не бил меѓу нив. Тој дури и не бил меѓу обичните борци, кои оделе на фронт. Нему му била доверена позиција во исламистичката полиција – најверојатно најмирното место. Тоа е рутинска работа, се состои во проверка на граѓаните, пишување казни, растурање на собори на јавни места.

Али ја опишува ситуацијата како да живеел во некоја социјална држава. – Лекувањето беше бесплатно. Ми дадоа 300 долари за да си купам кола и куќа, покрај месечната плата од 90 долари – раскажува Али.

На француските истражни органи, кои сега се прашуваат дали тој се обидува да ги замајува, тој им одвраќа дека сето што го зборува е вистина. Во таа и смисла и покајанието и потсетувањето на сцените за кои тој самиот тврди дека бил сведок. Како на пример, сцената со четиринаестгодишно момче, заклано, затоа што не си ја извршило молитвата. Или многубројните егзекуции на кои присуствувал, меѓу кои и на хомосексуалци, кои ги фрлале како трупци од високи згради. Или пак на сцената со маж, кој бил обвинет дека е вештер и бил обезглавен пред негови очи. Да не зборуваме за труповите оставени по улиците со натписи во кои се објаснувало кои се мотивите за егзекуциите.

Али не издржал повеќе и посакал да се врати во Париз. Знаел дека е тешко, но сепак побарал дозвола да ја напушити Рака. Тоа била ретка привилегија, но по долги преговарања тој добил дозвола. На границата со Турција, каде му го вратиле пасошот, тој мислел дека нема да премине од другата страна и дека ќе го убијат.

За чудо, се минало добро. Во џебот Али имал точно 500 долари за да си купи авионски билет за Франција. Дали тоа е веродостојно? Али вели дека е вистина, дека тој не е терорист.

– Она што го видов во Сирија не е религија, тоа е варварство. Јас никго не сум убил, но сега само сакам нормален живот, сакам сѐ да заборавам – сподели Али.

„Ла Стампа“ – Торино

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top