| четврток, 6 декември 2018 |

Талибанците ја потврдија смртта на лидерот Мула Омар

mula omarАвганистанските талибанци денеска официјално потврдија дека нивниот лидер мула Омар починал од болест, пренесоа светските агенции.

Тие не прецизираа кога тоа се случило, ниту кој ќе го заземе неговото место.

„Дирекцијата на исламскиот емират (името на талибанското движење) и семејството на мула Омар соопштуваат за неговата смрт, која е резултат на болеста на основачот и лидер на талибанците“, се наведува во соопштението на талибанците.

Во него се посочува дека во последните две недели дошло до сериозно влошување на здравствената состојба на мула Омар. Тоа наведува на помислата дека тој починал пред извесно време, а не како што вчера тврдеа авганистанските власти дека можно е да починал во април 2013 година во болница во пакистанскиот град Карачи.

Во соопштението на талибанците се посочува дека мула Омар ниту еден ден не престојувал во Пакистан или во друга земја и дека во последните 14 години тој постојано бил во Авганистан.

Мула Омар не беше виден на јавно место од 2001 година, кога беше соборен режимот на талибанците.

Заради неговата смрт талибанците прогласија тридневни религиозни церемонии и молитви за неговата душа.

Смрта на мула Омар е тежок удар за талибанците, кои се наоѓаат под закана од напредувањето на групата Исламска држава во Авганистан, забележаа француските медиуми.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top