Кина на островите Сенкаку одмерува дали Јапонија е подготвена на вооружен судир. И уште повеќе: дали САД би застанале во одбрана на својот сојузник.
Дали ќе има војна во Азија? Често сум го поставувала тоа прашање на кинеските колеги, пекиншките таксисти, политичките аналитичари и историските сезнајковци и загрижувачки голем број од нив ми даваа потврден одговор. Не, секако, затоа што тоа го посакуваат. Најмногу затоа што многу луѓе во Кина сметаат дека повлекувањето на границите на нивната земја преку морето кои ја опкружуваат не е само прашање на ладнокрвна картографија.
Секако, многу луѓе веруваат дека тој проект не може да заврши мирно.
Токму тука, во Источното и во Јужното Кинеско Море, имено, се прекршуваат две ери. Таа старата, по Студената војна, која се уште ја нарекуваме нов светски поредок и некоја идна, која Кина би сакала да ја одреди со својата физичка големина, политичко влијание, со воената сила и стопанските потенцијали и потреби.
Дали воопшто може во тој агол на Тихиот Океан да се најдат две велесили, САД и Кина, а да не го вкрстат оружјето, прашање е на кое никој нема одговор. Но, сите мислат дека тоа тешко ќе се оствари, бидејќи од кој било агол да се погледне преку веќе зовриеното море, нема универзално прифатливо решение за ниту една точка од спорната територија.
Се работи за доминација и тоа не само над азиско-пацифичкиот регион. Имено, токму на тие бранови се одмеруваат силите на глобалното лидерство, па ако САД е на позиција на бранител на титулата, Кина е тогаш во спротивниот агол на арената како главен предизвикувач.
Откако покојниот Денг Сијао-пинг, кого со право го нарекуваат архитект на кинеската реформа и политика на отварање кон надворешниот свет, во почетокот на 80-те од минатиот век го пренасочи фокусот на Мао Це-тунговата безбедносна доктрина од копно, со што повеќе не очекувал напад од ниедна соседна сила, на морето кое му стана важно како рута кон пазарите и изворите на енергија, рамките на кинескиот државен суверенитет се преплетуваат во островите и архипелазите, кои на географските мапи едвај се гледаат, но кои се претворија во светилници на растот на новата велесила и во политички места за извидување на очекуваниот почеток на кинескиот век.
Во Источното Кинеско Море тоа се островите Диаоју, како што ги нарекуваат Кинезите, или Сенкаку, како што се викаат на јапонски јазик, додека во Јужното Кинеско Море тоа се архипелазите Спратли и Парасел или Нанша и Ксиша, како што Кинезите ги нарекуваат избегнувајќи ја конотацијата на империјалната историја (Ричард Спратли бил британски морнар кој во првата половина на 19-от век пловел по овој архипелаг, додека на Параселите името им го дале Португалците кои всушност со својот збор Parcel означуваат низа архипелази потопени во плиткото море).
Од секогаш Кина сите тие острови ги сметала за свои, повикувајќи се на историското право кое на оваа земја често и е најважно средство за пресекување на јазлите во билатералните спорови околу териториите. Се бројат неколку илјади години, колку што се наведуваат тие острови во историски книги, се редат археолошки пронајдоци од длабочините на морето кои укажуваат на дамнешно присуство на кинеската култура и архипелагот природно е кинески.
Но, долго време ништо за тоа гласно не се зборуваше, па дури и кога се откри дека под секој од островите лежат резерви на нафта и природен гас, Денг на соседите, со кои не можел да се согласи околу тоа чија е таа територија, дипломатски им предложил за сега за тоа и да не преговараат, туку во иднина да можат заеднички да го експлоатираат природното богатство и морските плодови, а границите да ги повлекуваат помудри генерации, да се надеваме.
Меѓутоа, идните генерации стасаа за поинаков вид на дипломатија.
Речиси цела 2013 година помина на нишалката на војната и мирот, но во фокусот во тој период беше Источното Кинеско Море и предизвикот на Пекинг беше фрлен во лице на јапонскиот суверенитет над островите Диаоју, т.е. Сенкаку. Имено, Кина одмеруваше колку Земјата на изгрејсонцето е подготвена на вооружен судир во име на својата нормалност, како што јапонските политичари го нарекуваат отфрлањето на повоените пацифистички забрани на воено делување надвор од своите граници, но уште повеќе, колку САД е одлучна да застане во одбрана на својот сојузник во име на продолжување на нејзината доминација над азиско-пацифичкиот регион и над Тихиот Океан во целина.
Многу чад и по некоја искра, не се претворија во воен оган ни кога Кина во декември 2013 година ја зацрта воздушната одбранбема индефикациска зона над Источното Кинеско Море, па така преку широката територија (која секако ги опфаќа и спорните острови) практично наметна свои правила на однесување во воздушниот сообраќај. Околу тоа се крена голема прашина, но Пекинг ја играше играта кој прв ќе трепне, па кога јужнокорејските, потоа јапонските, па на крај дури и американските авиопревозници се согласија да најават кога ќе прелетуваат преку кинеската зона, азиската сила во својот дипломатско-стратешки тефтер запиша важен поен.
Таа кинеска тактика аналитичарите ја нарекоа сечење на салама на тенки парчиња. Веќе и претходно таа се покажа како голема мистерија за соседите, но и за САД. Едно парче салама, како што е повлекувањето на идентификациската зона, само по себе не е доволен casus belli, Јапонија или некој друг од иритираните соседи, да не зборуваме за САД, да реагираат со остар контра потег и така Пекинг на своја маса ставаше едно по едно парче од освоениот стратешки простор. Во истото тоа време Кина почна да гради неидентификувани објекти на островите во Јужното Кинеско Море.
За разлика од Сенкаку, т.е. Диаоју, кои во 1972 година биле ставени под управа на Јапонија, па секој кинески обид да им се приближи со своите рибарски или воени бродови беше пат кон директна конфронтација и кршење на постечкиот меѓународен договор, во Јужното Море кинеската војска почна да ги надградува островите и архипелазите над кои веќе имаше контрола. Така и се случи, наспроти територијалниот спор со соседните земји, Кинезите таму работеа непречено се додека сателитските снимки направени во почетокот на оваа година не покажаа до каде стигнала азиската сила во овој потфат.
Имено, во август минатата година Островот на огненото оружје, кој се наоѓа токму на тој дел на архипелагот Спартли над кој околу правото на суверенитет се спорат Кина и Филипини, беше целосно под морето, освен една точка, на која кинеската војска изгради бетонска платформа. На блискиот Хјугов остров можеа да се видат уште две точки: фабрика за цемент и хелиодром.
И додека Филипинците се прашуваа што прави Кина на речиси 2.000 километри далеку од нејзиното копно, моќни пумпи деноноќно вадеа тони песок и го насипуваа на живите корални подморски острови, а потоа сето тоа беше полиено со цемент и така од брановите никнуваа вистински пространи острови. Од морето е одземено над 80 километри површина, а снимката од Воениот крст од февруари оваа година покажа почеток на нешто налик на воена база, за која аналитичарите за списанието Џејнс тврдат дека е доволно долга и широка што на неа може да се изгради писта за воени авиони.
Слично како и пред година и половина, кога кинеските источни соседи се пожалија на Вашингтон поради идентификациската зона, а Американците неуспешно се обидоа да му укажат на Пекинг дека тоа е против меѓународното право и правилата на мултилатералните договори, така и по повод никнувањето на големиот песочен ѕид, од кој почна надградбата на коралите под морето во острови, Филипини побара поддршка прво од Обединетите нации, каде залудно бараа меѓународна арбитража, занемарувајќи го фактот дека Кина е постојана членка на Советот на безбедност, па може да стави вето на секоја иницијатива од таков вид, а потоа во Белата куќа, од која со добра причина очекуваа брза реакција.
Пентагон навистина уште во февруари побара од официјален Пекинг да ја прекине изградбата на вештачките острови нарекувајќи ги дестабилизирачки фактор во Јужното Кинеско Море. Одговорот беше остар. Проектот се одвива внатре во територијата под кинески суверенитет, одговори Министерството за надворешни работи и ниту една земја, па ни САД немаат право да се мешаат во тоа.
Накусо, Кина не признава дека околу Јужното Кинеско Море воопшто постои проблем. Над 90 отсто од таа водена територија и припаѓа на азиската сила и секој обид на оспорување на тој факт е само груба повреда на кинескиот суверенитет, околу кое не може да има никакви преговори.
Се загрижи целиот регион. – Очигледно се работи за изградба на објекти за туристички цели, заклучи австралискиот министер за одбрана Денис Ричардсон.
Очигледно се работи за потребата на Кина да ги контролира најважните сообраќајници, по кои годишно поминуваат милијарди барели нафта и стотици милијарди кубни метри течен природен гас, вредни над три милијарди долари, потенцира аналитичарот на „Форбс“, Кристофер Хелман. – Заведи контрола над тие острови и ќе имаш контрола над енергетската безбедност на цела Азија, вели тој.
Отсечено е уште едено парче салама. Овој пат подебело. И повторно е ставено на вага, за да се измери вреди ли да се реагира некако поинаку од остри зборови, заканувачки предупредувања и можеби со некоја демонстрација на воени мускули во непосредното соседство.
Веќе со години се поставува прашањето дали кинескиот раст е неизбежно предизвик за САД, а повторно таа тема дојде во фокусот кога харвардскиот политиколог Греам Алисон минатиот месец го предупреди американскиот Сенат дека во последните 500 години во 12 од вкупно 16 случаи, војна се случи тогаш кога растечката сила ги предизвикала постоечките велесили, па потоа го цитирал Тукидовото објаснување на судирот меѓу Атина и Спарта. Растот на Атина (читај Кина) предизвикал страв кај доминантите Спартанци (читај Американци) дека ќе го изгубат својот статус и тоа ги одвело во војна.
Одеднаш почна да се зборува за Тукидовата стапица, во која кинеско-американските односи лесно можат да паднат и иако некои аналитичари предупредуваа дека лошите историски аналогии и погрешно применетите теории непотребно наведуваат одредени политички и воени кругови како во Кина, така и во САД, едни кон други да се постават поагресивно, никој се до сега не понуди добро решение за заладување на Јужното Кинеско Море.
Дури, американскиот министер за одбрана Ештон Картер се закани дека САД ќе лета, плови и оперира секаде каде меѓународното право тоа го дозволува и така како што тоа го прават во дел од светот, на што кинеските лидери одговорија дека одлучноста на Кина да го заштити својот суверенитет и територијалниот интегритет е цврста како карпа. Кинеско-американските односи, кои не толку одамна се чинеа најважно партнерство во светот, се претворија во еден од потенцијалните извори на глобален неред, кој како што сметаат многу познавачи на Азија, лесно можат да бидат вовед во трета светска војна.
– САД и Кина сега се потенцијално поблиски до вооружен судир од што некогаш биле во изминатите 20 години, напиша во интернетското политичко списание „Коментатор“, Мајкл Ослин од Институтот „Американ Ентерпрајз“ и наброја три можни сценарија за почеток на војната.
Несреќна околност, вели тој, може да се случи кога кинеска морска патрола или воен ловец ќе се обиде да пресретне американски брод или шпионски авион некаде во Јужното Кинеско Море или над него, па кога таа акција би се завршила со ненамерен судир.
Намерна провокација, набројува понатаму Ослин, може да се случи ако Кина постави авиони на вештачко изградените острови, па со нив ќе се обиде да спречи американско прелетување преку својот воздушен простор, со цел да одмери како би реагирал Вашингтон во таква ситуација. Сепак, најверојатен е индиректен конфликт, вели на крај американскиот професор т.е. прокси војна меѓу Кина и некои од соседните земји, најверојатно Филипини или Виетнам, зад кои всушност би стоеле САД.
На опасност предупредува и Џорџ Сорос, претседателот на „Сорос Фанд Менеџмент“ и Фондацијата за отворено општество, но, додека Ослин смета дека слабоста на Обама може да резултира со кинеско-американски судир, па ги повика САД решително да и покажат на Кина дека не се тигар од хартија, Сорос го повикува Вашингтон светот да се спаси од нова глобална војна со јакнење на партнерството со Пекинг.
– САД секако би можеле да го опструираат кинескиот развој, пишува Сорос во јунскиот број на списанието „Њујорк Ревју од Букс“, но тоа би било многу опасно. Претседателот Си Џинпинг презема лична одговорност за стопанството и државната безбедност, па ако неговите пазарни реформи пропаднат, тој би можел да преземе некои надворешни конфликти како начин на одржување на националното единство и зачувување на сопствената позиција. Тоа може да води во сојузништво меѓу Кина и Русија, не само финансиски, туку и политички и воено, и ако тогаш надворешниот конфликт би прераснал во воена конфронтација со некои американски сојузници како Јапонија, не е претерано да се каже дека би биле на праг на трета светска војна.
– Верувам дека историјата на 21 век ќе почне во Азија, рече во неодамнешно интервју Жан-Пјер Леман, професор по меѓународна политичка економија на деловното училиште ИМД во Лозана. – На 28 јуни во 1914 година еден куршум во Сараево го уби Фердинанд и веднаш се запали светска војна, но кога во 90-те се водеше балканската војна, таа беше страшна за тој регион, но немаше големо влијание подалеку од регионот. Не се случи повторно светска војна. Од друга страна од 1894 до 1895 се водела војна меѓу Кина и Јапонија, но тоа на Западот не се однесувало воопшто. Но, ако во 21 век се случи војна меѓу Кина и Јапонија, тоа веднаш ќе има глобални последици. смета тој.
По една недела откако професорот Леман ги изнесе причините кои тој ги гледа за избивање на трета светска војна во Азија, Јапонија изјави дека нејзината војска може да се приклучи на американските сили во редовно патролирање во Јужното Кинеско Море. Генералот на јапонските одбранбени сили адмирал Кацутоши Кавано, рече дека тој регион е од огромно значење за јапонската безбедност. Кинеското градење на вештачки острови, притоа предизвикува многу голема загриженост во Јапонија, која зависи од тие приморски сообраќајници како и во извозот на својата стока, така и во увозот на енергија која до нејзините острови може да дојде само преку Јужното Кинеско Море.
Служејќи се со горе наведената метафора, можеме да кажеме дека антикинеската коалиција застана во одбрана на саламите.
Меѓутоа уште едно парче салама е отсечено со кинескиот стратешки нож.
– Изградбата на инфраструктура за надгледување и комуникација е прв чекор кон подобрување на поморското метеоролошко следење, предупредување, прогнозирање и научно проучување, изјави за весникот „Женмин Жибао“ Џинг Џихуи, професор од академијата за инжинеринг. Шефот на кинеската Управа за метеорологија Зенг Џуогуанг потврди дека намената на надградбата на коралите и островите е всушност од корист за регионот кој често е погоден од океански катастрофи и временски непогоди.
Со тоа Кина индиректно ги прашува Американците и нивните сојузници: – Мислите ли дека е вредно да се војува за тие камења во Јужното Кинеско Море?
Тоа прашање дури е поставено непосредно пред одржувањето на стопанскиот и стратешки дијалог меѓу Кина и САД, седма по ред средба од овој вид, која на 23 и 24 јуни е одржана во Вашингтон. Американскиот потпретседател Џо Бајден, државниот секретар Џон Кери и министерот за финансии Џек Лоу беа домаќини на кинескиот заменик премиер Ванг Јанг, државниот советник Јанг Јиеџију и нивната делегација од околу 400 функционери. Иако дијалогот почна со американски предупредувања во врска со одземањето на островите од морето и од соседите, заврши со потпишување на околу 300 разни договори.
Околу 70 се однесуваа на стопанската соработка, над 100 договори на стратешки прашања, а 119 на културна размена.
Толкав број на договори не отсликуваа воени намери, напротив по оваа пригода се преговараше за детали на официјална посета на Си Џипинг на Вашингтон во септември, која не е доведена во прашање дури и по американското обвинение дека кинеската Влада стои зад хакерскиот напад на компјутерскиот систем на Кабинетот за кадровски менаџмент, со кој се украдени лични податоци на речиси четири милиони поранешни и сегашни вработени во федералната влада.
Тогаш какви се односите меѓу Кина и САД? И дали двете сили ќе паднат во Тукидидовата стапица во Јужното Кинеско Море?
– Кина и САД се соперници, но не се непријатели. Така во воведник објавен кон средината на јуни оцени кинескиот партиски весник „Глобал Тајмс“, за во друг коментар објавен на денот на почетокот на стратешкиот дијалог во Вашингтон да заклучи сека Кина и САД се премногу меѓузависни за да се судрат. Навистина, со речиси 550 милијарди долари годишно трговија остварена меѓу двете сили на двата краја на Тихиот Океан, тешко може да се зборува за типична студена војна, а уште потешко е да се замисли вооружен судир меѓу нив.
Покрај тоа, стратегијата на стопанскиот појас и поморскиот свилен пат, по кој Си Џинпинг сака да го одбележи своето владеење, се потпира во голем дел на Југоисточна Азија, па како што легитимитетот на кинескиот партиски и државен шеф тесно се врзува со остварувањето на оваа визија, тешко дека на Кина и е во интерес да го разбранува Јужното Море до точка на вриење, преку кое поминува важен огранок на појаси и патишта.
– Меѓутоа, сечењето на саламата ќе продолжи. Кинеското окупирање на Јужното Море, САД можат егоцентрично да го толкуваат како фрлање ракавица во лице на нивната доминација, но всушност Пекинг е принуден на толку широко дефинирање на својот суверенитет и затоа што се повеќе го гребат невралгичните точки на неговата безбедност наречени Хонг Конг и Тајван.
Имено, во поранешната британска колонија, многу се зголемува антикинеското расположени, кое се артикулира преку барања за директни избори за шеф на локалната влада, но преку се и со поексплицитно одбивање на кинескиот идентитет.
Во Тајван пак се приближуваат претседателските избори (во јануари идната година) и за сега се чини многу веројатна победата на Чаи Инг-вен, кандидатка од опозициската Демократска прогресивна партија, во чија програма е формално отцепување од Кина.
Кога Јужното Кинеско Море го гледаме од таа страна, можеме да кажеме дека Кина е кршлива велесила, која мора да излегува се подалеку од својата утроба за да обезбеди стабилност и единство на големата нација. А дали во тоа се повеќе наликува на САД? И што ќе биде ако двете сили се препознаат како слични, а повторно толку сосема различни и дури спротивставени во исти ринг со кој секоја од нив сака да доминира?
Запрашан што може Европа да направи за да се спречи трета светска војна, професрото Леман вели дека единствена надеж полага во европското јакнење на мултилатерализмот. Кина треба да се ангажира и да се вклучува во мултилатералниот систем, не да се изолира и остава по страна, смета тој. И секогаш треба да се сеќаваме на Алберт Ајнштајн кој по бомбардирањето на Хирошима и Нагасаки во 1945 година рече: Фрлањето на атомската сила промени се освен нашиот начин на размислување.
Сега мора да се промени токму тоа, размислувањето на велесилите, инаку ќе има војна. И тоа не во толку далечна иднина.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.