| четврток, 6 декември 2018 |

Девојчето кое го расплака Меркел, причина за менување на законите во Германија

Откако Ангела Меркел ја расплака малата Рим Сахвил од Палестина, таа стана симбол на маките на бегалците низ Европа, па Германија почна ги преиспитува законите за имиграција.

merkelica

Имено, солзите на Рим на средбата на Ангела Меркел со група германски ученици изминатиот четврток во градот Росток предизвикаа бран сочувство кај милиони гледачи кои го следеле овој настан на телевизија во Германија, што резултираше со жестоки политички и медиумски расправи без преседан.

Таквата ситуација натера одделни политички личности во Германија да го кренат гласот и да побараат радикални промени на владината политика, во однос на прашањето за азил и имиграција.

Во тој процес ќе се земе во предвид специфичната ситуација на децата имигранти кои сепак треба да постигнат одличен успех во нивното образование.

Животната приказна на Рим:

Атеф Сахвил, таткото на девојчето со сопругата и нивните три деца дошле во Германија во 2010 година. Целта на нивниот пат било лечењето на Рим, која пати од 35 постотна парализа на телото, настаната како последица од недостаток на кислород при пораѓањето, бидејќи е родена во седмиот месец на бременоста, а подоцна се здобила и со рани и скршеници во сообраќајна несреќа во 2006 година.

devojce1

После несреќата Рим имала 27 операции на нозете и една на главата, каде сé уште има голема лузна која не ѝ заздравела.

Атеф објаснува дека неуспехот, со оглед на нивниот тежок бегалски живот, на својата ќерка да ѝ дозволи соодветен лекарски третман, го приморал на тоа да земе заем и да собира хуманитарни прилози за да ја одведе Рим на лечење во Германија.

Рим, заедно со родителите и помладите брат и сестра Ахмад и Рани, живеат во градот Росток, на истокот на Германија, во стан во кој се доселиле во 2013 година од бегалскиот камп, во кој живееле со уште 280 бегалци.

Рим вели дека последните закани на германските власти дека ќе го иселат нејзиното семејство ѝ предизвикале додатни психички проблеми, покрај оние со кои се бори. Објаснила дека отишла да присуствува на дружењето со Меркел со учениците на тема имиграциона политика. Воопшто не размислувала за тоа дека може да зборува за ситуацијата низ која поминува нејзиното семејство. Рекла дека водителот на програмата ја охрабрил да ѝ раскаже на Меркел за своите проблеми и неизвесната судбина.

Оваа млада Палестинка, која годинава постигнала најдобар успех по германски јазик во својот клас, дури и пред своите врсници Германци, се надева дека широката полемика која ја предизвика нејзиниот разговор со Меркел ќе доведе до тоа таа и нејзиното семејство да добијат трајно државјанство, кое ќе ѝ овозможи да продолжи со лечењето и образованието во Германија.

 

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top