На денешната прес-конференција на спортскиот директор на репрезентацијата на Македонија, Заре Марковски по смената на сега веќе поранешниот селектор Александар Џикиќ одговори на новинарско прашање и потврдно одговори, дали му било селекторското место понудено на тренерот со кој Македонија го доживеа најголемиот историски успех, четвртото место на ЕП во Литванија, Марин Докузовски.
Набрзо трофејниот тренер Докузовски одговори дека воопшто не било ниту контактирано со него, за да може и да се понуди таква функција и тврди дека немало никаков разговор на оваа тема.
– Не знам зошто се споменува моето име во ситуација кога никој не разговарал со мене. Заре Марковски истакнал дека имало контакт, но тоа е лага. Еве ако навистина имало разговор, нека каже што било понудено, бидејќи нели во тек на разговори мора да има понуда. Вистината е дека единствениот контакт меѓу мене и него во последните десет дена е СМС-пораката што ја добив од Марковски, кој ми го побара телефонскиот број на Марјан Србиновски – истакна Докузовски.
Стратегот кој ќе остане запишан во аналите на македонската кошарка како првиот селектор со кој нашата држава може да се гордее на четвртото место во Литванија даде свое видување и за смената на Александар Џикиќ.
– Јас сум член на Стручниот совет, еве јавно прашувам дали некој воопшто прашал член на ова тело околу смена на селекторот. При доаѓањето реков дека ќе станам член само ако се работи сериозно, но тоа очигледно не е случај. Во нормални земји Стручниот совет предлага селектор, а федерацијата го прифаќа или одбива предлогот, овде еден човек сака да води се, па не се консултира ниту со телата со кои треба да има разговор за одредени теми. Мој личен став е дека Александар Џикиќ требаше да остане на чело на репрезентацијата бидејќи создаде и атмосфера и направи резултат. Тој требаше да биде нашиот предводник на Евробаскет 2015’ – заврши Докузовски.
По ваквите изјави очигледно имаше што да одговори спортскиот директор Заре Марковски кој дури оди и понатаму, па тврди дека бил кај Докузовски дома веднаш откако се вратил од пат од Белград каде се сретнал со Џикиќ.
– Јас, Заре Марковски, под морална и материјална одговорност, со доказ на телефонските табулати за разговорите на 07/07/2015 што ги водев од патот кон Скопје, кон телефонскиот број на Марин Докузовски, по налог на претседателот на МКФ Петар Наумоски по мојот состанок со поранешниот селектор Џикиќ во Белград, го посетив неговиот дом на улица Рузвелтова во Скопје, во 21,30 часот каде што на моето прашање дали кога и да е би се вратил на селекторската функција, добив негативен одговор. Мило ми е што Докузовски жали за смената на Џикиќ и пресудува дека требал да биде нашиот предводник на Евробаскет 2015, а по повод критиките за работата на Сојузот, како неконсултиран член на Стручниот Совет при што упатува критики за легалноста на изборот на Србиноски реплицирам со Членот 30 од Правлникот за државните репрезентации на МКФ:
“Секоја државна репрезентација наведена во овој Правилник има свој селектор, кој го именува УО на МКФ, на предлог на Стручниот совет или Директорот на национални репрезентации“како потврда за несериозноста, тенденциозноста и приватниот интерес во критиките кон актите на Сојузот, што јас како последен ќе ги напуштам – соопшти Заре Марковски.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.





