| четврток, 6 декември 2018 |

Варуфакис: Ципрас бираше меѓу самоубиство и ликвидација

Поранешниот грчки министер за финансии, Јанис Варуфакис во првото интервју по оставката, дадено за „Си-Ен-Ен“ вели дека Грција направила грешки во текот на преговорите, но и дека вината сè уште им ја префрлува на кредиторите.

– Направивме некои грешки, во тоа нема сомнеж. За некои од нив се обвинувам и самиот, но вистината е дека многу моќната Тројка не беше заинтересирана за чесен, сензибилен и меѓусебно корисен договор – рекол Варуфакис, реферирајќи на Европската централна банка, ММФ и Европската комисија.

Според него со подлабока анализа може да се открие вистината за ова.

Тие беа повеќе заинтересирани за понижување или рушење на оваа влада, или барем за осигурување на околности кои би ја натерале владата самата да се уништи, отколку што беа заинтересирани за договор кој би обезбедил да го добијат назад поголемиот дел од своите пари. Тешко ми е, колку и да го сакам тоа, не можам да преземам одговорност за политиката поради која отстапив од местото министер – рекол Вафуфакис.

Веруфакис нагласил дека самиот отстапил од својата позиција, и дека не бил сменет.

Оставка поднел вечерта по референдумот, во кој повеќето Грци ги одбиле строгите мерки за штедење кои владата подоцна ги прифатила да обезбеди финансиска инекција од еврозоната. И покрај оставката, поранешниот министер за финансии тврди дека сè уште сочувствува со својот поранешен шеф Алексис Ципрас.

– Тој беше соочен со изборот: Изврши самоубиство или ќе бидеш ликвидиран. Ципрас одлучи дека за Грција би било најдобро владата да остане на власт и да го имплементира програмот со кој не се согласува. Луѓето како мене сметаа дека би било попаметно да се повлечат. Тоа е причината за оставката. Но, признавам дека неговите аргументи се еднакво силни како и моите – рекол Варуфакис.

Нобеловецот Кругман рекол дека ја преценил грчката влада, а Варуфакис се согласил со него.

– Не е вистина дека немавме план Б, имавме. Ние во министерството за финансии го развивме. Но, знаете дека таквите планови најчесто, благо кажано, не се совршени. Планот не беше Грегзит, туку креирање на „евро-деноминирана” валута. Со други зборови, печатење на сопствена валута, поврзана со вредноста на еврото. Но, фактот дека тој план Б не беше одобрен, не добив зелено светло да го воведам. Тоа беше уште една од причините поради кои поднесов оставка – заклучил Варуфакис.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top